Регионалните познавачи на приликите проценуваат дека околу 30 проценти од овдешните возачи цела година возат со зимски гуми. Главно, од две причини: заради заштеда, бидејќи немаат обврска да даваат пари за летни гуми и заради неинформираност односно раширената трговска навика гумите со ознака "S+M" да се продаваат како гуми за сите годишни времиња иако тоа се практично зимски гуми.
Користењето зимски гуми во летни услови повеќекратно ги влошува перформансите на автомобилот и го зголемува патот за запирање со што ја намалува вкупната безбедност.
Зимскиот пневматик е значително помек од летниот бидејќи содржи елементи кои обезбедуваат негова мекост при ниски температури. Кога температурите се високи, истите елементи го прават пневматикот премногу мек, тој лесно се прегрева и деформира.
Ова го потврдуваат и независни тестирања кои покажале дека на сува подлога, температура од 20 степени и брзина од 100 километри на час, зимските гуми просечно имаат 6 метри подолг пат за запирање. Тоа значи дека кога автомобил со летни гуми веќе сопрел, оној со зимски сè уште се движи со 37 километри на час.
Зимските пневматици ја зголемуваат и потрошувачката, за неколку децилитри на изминати 100 километри. Нивниот дезен постигнува повисок степен на триење со кој расте и потрошувачката. Истовремено тоа предизвикува повисока температура на пневматикот, особено опасно во летен период, на големи температури кога може да дојде до прегревање односно пукање на гумата.
И за крај, зимските гуми се побучни од летните што е особено забележливо на мазни и суви асфалти а тоа влијае на комплетниот комфор на возачот и патниците.