Наместо инсталирање клима уреди или поголеми системи, досега Германците во случај на претерани температури едноставно ќе прогласеа природна несреќа и ги затвораа јавните институции и училиштата. Главно битката против горештините се водеше со вентилатори и проветрување по неколку пати на ден.
Откако „несреќите“ почнаа да стануваат се почести, тие решија да менуваат стратегија. Така минатото лето во земјата имаше 15% раст на продажбата и беа продадени над 200.000 клима уреди, а некои од продавниците на поголемите ланци за техничка стока, уште во август ја имаа распродадено својата залиха на клима уреди и вентилатори.
Годинава се очекува овој број дополнително да порасне откако на Германците им стана поважен личниот раат отколку заштедата на енергија, па и годинава повторно постојат истите стравови дека ќе снема клима уреди.
Горештините ги натераа Германците да воведат и ограничувања на брзината на аутобан од страв дека тој би можел да почне да попушта и да се топи од претерана загреаност.
Вол стрит журнал пишува дека зад одбивноста што Германците ја имаат кон клима уредите стои и националниот страв од промаја, односно „уверувањето дека можеш да се разболиш од каков било провев“. По овој повод германскиот Црвен крст сред горештините алармираше народ да ги пушти вентилатори и да ги отвори прозорците:
„Durchzug (провев), не е штетен, само Германците веруваат во тоа.“
Долгорочните процени се дека бројот на германски домаќинства со клима уреди до 2030-та би можел да порасне на 13%, од 3% во 2015.
Поголемото ширење на технологијата е спречено и од правилата за домување, па добар дел од резиденцијалните објекти предвидуваат дека е потребна согласност од комшиите за човек да може дома да постави клима уред. Објаснувањето е дека мора предвид да се земат галамата што уредот им ја предизвикува на соседите, изгледот и структурата на зградата.