Како успеа Лего? Коцка по коцка

Во светот на играчките има малку брендови кои се толку универзално препознатливи како Лего. Од забавно детско сложување коцки до сложени модел на кои се палат возрасни. Лего стана глобален културошки феномен но и компанија која лани достигна вердност од 13 милијарди долари. А почна како столарска работилница.

Приказната за Лего започнува во раните 1930-ти со Оле Кирк Кристијансен, дански столар од малиот град Билунд. Отпрвин правел мебел во својата скромна работилница, но големата економска криза го погодува неговиот бизнис и мора нешто да менува. Решава да прави дрвени играчки, одлука која, иако родена од неопходност, на крајот ќе ја трансформира иднината на неговата компанија.

Кристијансен ја правел секоја играчка со исклучително внимание, фокусирајќи се на квалитетот и издржливоста, вредности кои подоцна ќе го дефинираат брендот. Името Лего е усвоено во 1934 година, и е инспирирано од данскиот израз „leg godt“, што се преведува како „наиграј се убаво“.

Во 1947 година, Лего ја купува првата машина за обликување пластика во Данска, храбар потег со оглед на тоа што пластиката штотуку почнала да се користи. Две години подоцна, ја претставуваат новата играчка, Automatic Binding Brick. Овие први коцки беа едноставен претходник на денешните, дизајнирани да се склопуваат, но без карактеристичниот спој на модерните парчиња.

До 1950-тите, синот на Кристијансен, Готфред Кирк, се вклучува во  семејниот бизнис и замислува да создаде универзален систем каде секоја коцка ќе може да се поврзе со која било друга, создавајќи бесконечни можности. Значителен пробив се случува во 1958 година, кога беше создадена модерната коцка со кружни капи горе и вдлабнатини долу. Овој паметен дизајн овозможува цврста и стабилна врска помеѓу коцките и градба на поголеми и посложени структури.

Иако иновативен, тој систем не добиваш веднаш на популарност бидејќи било тешко да се натераат родителите да се префрлат од традиционалните дрвени, на пластични играчки. 

Но, Лего го патентира овој дизајн, спречувајќи други компании да го копираат тој систем за поврзување, клучен чекор во конкурентската предност на Лего.

Во 1980-тите, Лего воведе голем број нови теми, како што се средновековни замоци, раздвижени градски пејзажи и авантуристичко истражување на вселената. Во 1990-тите, препознавајќи ја привлечноста на популарните франшизи, Лего соработува со големи забавни компании за да произведе тематски сетови за Војна на ѕвездите, Хари Потер, а подоцна и суперхероите на Марвел.

Порастот на дигиталната забава во раните 2000-ти носи проблеми за Лего кои се принудени да ги продадат своите четири тематски паркови на инвестицискиот фонд Блекстоун за 375 милиони евра.

Но, наместо да дозволи овие проблеми да го дефинираат, Лего тргна смело: се врати на корените, со поедноставување на понудата, фокусирајќи се на класичната Лего коцка, можеше да се концентрира на она што го прави најдобро и повторно да се поврзе со публиката.

Истовремено, не му вртат грб на дигиталното време и прават видео игри како Lego Star Wars, а шармантниот филм Lego Movie помага Лего да ја забетонира својата позиција во популарната култура и да ги зарази со брендот новите генерации.

 

 

 

 

4 ноември 2024 - 21:19