Како сам да се врзеш на јарболот на ветувањето

Знаете она кога на гости ќе ќе ви ги тргнат грицките за да може да вечерате, а вие наместо да се буните, се заблагодарувате? Од вакви и уште поголеми искушенија можат да ве бранат други, но со малку мотивација тоа можете да го правите и самите. Накратко - сите ние сме Одисеј.

Знаеме, иако нерадо признаваме дека понекогаш е добро со силата на волјата самите да си ги ограничиме слободите (или некој да ни ги ограничи) доколку тоа е во наш најдобар интерес. Оваа стратегија се нарекува и „Одисеева", бидејќи според митот, јунакот на древниот еп наредил неговите содружници да го заврзат за јарболот додека минувале крај сирените, затоа што знаел дека инаку нема да може да им одолее.

Психолозите кои го истражуваат човечото поведение сега го користат истиот принцип за да објаснат зошто, на пример, студентите на кои им е дадена слобода да предадат семинарски кога сакаат во текот на семестарот ја одложуваат обврската во недоглед и на крај предаваат полоши текстови, наспроти оние на кои професорите им инсистирале да се држат до рокот, кои ем ја извршуваат обврската, ем резултатот им е поквалитетен.

Но за Одисеевско воздржување не ви треба некој (брачен другар, професор, полицаец) за да ве врзе за метафоричкиот јарбол. Тоа можете да го сторите и самите. Според студија објавена оваа година во списанието „Психолошка наука"  тоа се стратегии со кои однапред се обврзувате (дека нешто ќе направите или дека баш нема), или пак си предвидувате казна за неисполнувањето на обврската. Експериментот кој го покажал успехот на ваквата тактика се одвивал во Јужна Африка, а вклучувал корисници на кредитни картички кои предвидувале 25% бонус врз основа на тоа колку здрава храна е купено месечно. Истражувачкиот тим побарал од целата група да го зголеми количеството купена здрава храна за 5% повеќе бонус, но на половина од луѓето им дала избор, доброволно да ветат дека ако не ја исполнат месечната квота, ќе се откажат од целата награда.

На прв поглед овој „избор" нема никаква разумна смисла. Корисниците можеле да ги имаат истите повластици и без да се самоограничуваат. Но истражувачите сфатиле дека луѓето сакаат да прифатат стратегии кои ги обврзуваат кога целта им се гледа пожелна, а истовремено сметаат дека без закана од казна, нивната волја нема да биде доволно силна да го издржи искушението (во случајов да НЕ купуваaт здрава, туку нездрава храна).

На крај оние од групата кои одбрале само-индуцирана финансиска казна навистина го зголемиле процентот на здрава храна која ја купувале, за разлика од оние другите, кои не го прифатиле предизвикот (зелената крива)

Ова било само потврда на постоечки сознанија на истиот истражувачи тим. Во претходна студија тие откриле дека некои луѓе кои јаделе во кинески ресторан за брза храна прифаќале да добиваат помали оброци за мал или за никаков попуст, како начин да одбегнат искушение да се прејадат. Сето ова може да се примени во структурирање на економски бизнис практики кои ќе им помогнат на потрошувачите да се држат до ветувањата за здрав живот кои самите си ги направиле.

Еден од примерите за такви бизниси е StickK, компанија основана од двајца професори на Јеил во 2008, која им помага на луѓето да формулираат ветувања и да се држат до нив. Може да одберете да ослабите, да прочитате одреден број книги,или да издржите да не јадете од руската за Нова година. Притоа вложувате некои пари кои ако не ја исполните целта одат кај „партнерот за ветување", најчесто пријател или хуманитарна организација, иако со оглед на пропозициите, повеќе помага да одберете душман или организација којашто ја мразите. Процентот на успех на договорите склучени на ваков начин преку сајтот е 42,7 кога не се вложува ништо. Со вложување се качува на дури 82,8%. Во случаи кога парите одат кај луѓе или институции кои не ги сакате, процентот е 87,1.

Сега знаете што да направите - отворете акаунт, заречете се дека ќе исполните што и да е и пренасочете ни ги парите нам по која било основа. Знаејќи како ни функционираат нашите авто-ветувања, шансите да ви ги лапнеме парите се големи.

12 декември 2014 - 14:31