Иако веќе постојат бројни теории од кредибилни историчари за успехот на Хитлер да дојде на власт, кои ги опфаќаат околностите во кои тој го достигнува ова, како лоша економска состојба, неповолен договор за завршување на Првата светска војна и омраза кон странците, Волкер Улрих, во биографијата Хитлер, го анализира масовниот убиец како "политичар кој дошол на власт преку демагогија, спектакли и примитивна привлечност на масите."
Неговата намера е да не го анализира Хитлер како лудак, или чудовиште, туку како човек со "неспорни таленти и очигледно длабоки психолошки комплекси." Книгата го опфаќа периодот од раѓањето до 1939, и завршува на неговиот 50-ти роденден.
"Г-дин Улрих дава фасцинантна шекспиријанска парабола за тоа како сплотувањето на околностите, можностите, безмилосна индивидуа и намерно слепило од другите можат да трансформираат цела земја - а во случајот со Хитлер, и да доведат до невиден кошмар за светот," пишува Мичико Какатуни во рецензијата на книгата за Њујорк Тајмс.
Во анализата на книгата на Улрих, Какатуни пишува:
- Хитлер често пати е опишан како его-манијак "кој само себе се сака," нарцис со желба за себе драматизација. Неговите манијакални говори и желбата за преземање сè-или-ништо ризици го доведуваат во прашање неговиот капацитет за само-контрола, па дури и неговиот здрав разум. Улрих ја нагласува мудроста на Хитлер како политичар со "остро око за слабостите и јаките страни на други луѓе," и неговата способност "инстантно да анализира и искористи ситуации."
- Хитлер меѓу своите колеги е познат по "бескрајната лажливост" што подоцна само се зголемува благодарејќи на пропагандната машинерија која во тоа време се користи со најновата технологија (радио, филм, грамофонски плочи) за ширење на неговата порака.
- Хитлер бил крајно ефикасен говорник и актер, кој се адаптира прифаќајќи најразлични маски и хранејќи се со енергијата на публиката. Иако првично својот анти-семитизам го крие под "маската на умереноста," кога се обидува да ја добие поддршката на либералната средна класа, тој подоцна специјализира за големи, театрални собири организирани со спектакуларни елементи позајмени од циркус. Според Улрих, тука Хитлер "ги адаптира своите говори за да одговара на вкусот на неговите слушатели од ниска-средна класа, кои се со национал-конзервативни, етничко шовинистички и анти-семитистички ставови." Иако тој поттикнува хаос играјќи на стравовите и презирот на народот, тој се наметнува како визионерот што ќе го врати редот и поредокот во земјата.
- Хитлер постојано се поставува како Месија, ветувајќи дека ќе одведе Германија во "нова ера на национална слава и моќ," иако притоа обично е премногу општ околу планот како ќе го направи тоа. Тој најчесто се навраќа на златното доба на земјата "за подобро да ја отслика сегашноста во што е можно помрачни тонови. Секаде каде што ќе се свртиш било само распаѓање и пропаст."
- Изненадува тоа што репертоарот на теми на Хитлер е прилично ограничен, и како што забележува Улрих, "читајќи ги неговите говори, во ретроспектива, изненадува тоа што тој успева да собере се поголема и поголема публика," со фрази кои наликуваат на мантра, главно составени од обвинувања и ветувања за одмазда. Како што самиот Хитлер пишува во "Мојата борба" пропагандата мора да е насочена на освојување на емоциите, а не на разумот, на толпата, заради што ефективна пропаганда мора да биде сведена на неколку слогани, кои "треба да бидат повторувани се до додека секој поединец не се помири со идејата што е предложена."
- Ставот на Улрих е дека подемот на Хитлер не бил неизбежен. Постојат повеќе моменти кога тоа можело да се спречи, меѓутоа тој има корист од "констелација на кризи кои успева да ги искористи мудро и бескрупулозно," па освен економските проблеми и невработеноста, се случува и "ерозија на политичкиот центар" и се поголем презир кон елитите. Улрих посочува дека неволноста на останатите партии да соработуваат меѓу себе оддава впечаток на дисфункционалност, која Хитлер ја нагласува како проблем кој може да биде решен од "маж со железна рака."
- Тука е и наивноста на домашните противници на Хитлер, кои не успеваат да ја воочат неговата суровост и упорност, и од странските политичари кои веруваат дека можат да ја контролираат неговата агресија. Првичната грешка е тоа што заради одбивноста кон стилот на Хитлер, дел од критичарите го потценуваат човекот и неговата популарност, додека другите го отфрлаат по основа дека е само дел до забавата за народот. Тие се во заблуда и заради сфаќањето дека доминирањето на класичните конзервативци во Владата ќе ја неутрализира заканата од злоупотреба на власта од страна на Нацистите.
- Како што станува јасно дека Хитлер нема да може да биде контролиран, бидејќи му требаат само 5 месеци откако станува канцелар за да ја присвои апсолутната власт во земјата, така и сите сојузни држави кои не се под негова контрола полека "се ставени во ред." По пат голем број Германци стануваат приврзаници на нацистите, по најразлични основи, и тоа најчесто од лична корист а не од идеолошки убедувања. До март 1933, Хитлер јасно става на знаење дека неговата власт комплетно ќе ги укине сите правила за поделба на власта и владеење на правото.