Најпознат по неговата фотографија „Девојчето од Авганистан", МекКари вели дека по долги години покривање на настани во конфликтни зони, тој сега себеси се смета за „визуелен раскажувач на приказни". Притоа вината за целото недоразбирање околу тоа како се вика она што го прави, па оттаму и за етичките последици на истото, тој ја префрла на оние кои „се збунети" бидејќи мислат дека тој е сè уште фото-репортер.
„Во иднина се обврзувам минимално да го користам Фотошоп, дури и за фотографии кои ги имам направено на лични патувања", додал тој.
Американскиот фотографски блог Пета Пиксел ја објави сторијата на почетокот на мај, откако италијанскиот фотограф Паоло Виљоне постираше фотографија од патувањето на МекКари на Куба, на која фотошопирањето е очигледно, бидејќи дел од сообраќаен знак штрчи од нога на минувач.
Ова предизвика бура на социјалните медиуми, а оние кои реагираат го доведоа во прашање интегритетот на сите дела на славниот фотограф. Од тогаш личниот блог на Меккари, кој содржеше архива од негови слики од изминатите години, е целосно избришан.
Џанмарко Маравиља, основач и директор на фото-репортерската агенција Ехо, постираше на Фејсбук две слики на МекКари, оригинална и „работената", на којашто недостасуваат двајца луѓе.
„Она што тој го има направено е сосема надвор од професијата. По мене, кога се работи за новинарска фотографии, не смее да се менува ни пиксел", изјавил тој.
Шин Д. Елиот, раководител на етичкиот комитет на Националната прес фотографска агенција, изјави дека „МекКари ја сноси одговорноста да се држи до етичките стандарди на колегите и јавноста, кои го сметаат за фото-репортер. Секое менување на новинарската вистинитост на неговите слики, секоја манипулација на фактите, без оглед колку тој или некој друг смета дека е релевантна за 'повисоката' вистина, претставува етички прекршок".
Повеќето фотографски агенции забрануваат отстранување или вметнување на предмети во слика, односно дигитална манипулација на содржината. Кодексот вели дека сликите или идентитетите на поединците не смеат да бидат едитирани со Фотошоп или друга слична алатка. Освен тоа, новинската агенција Ројтерс минатата година на своите фотографи им испрати мејл во кој ги информираше за одлуката да ја забрани употребата на .raw фајлови, и да дозволи само .jpeg формат, затоа што тој не овозможува толкава флексибилност во процесирање на визуелните информации.
„Иако посакуваме фотографии со највисок естетски квалитет, нашата цел не е уметничко интерпретирање на вестите", изјавиле од Ројтерс.