Хибридите трошат три пати повеќе гориво

Автомобилската индустрија ги промовира хибридните коли како идеален баланс за заштита на околината и намалување на трошоците за гориво, без да се ограничи патувањето. Точно е само третото. Неодамна беше утврдено дека чадат како бензинци, а нова анализа укажува дека трошат три пати повеќе гориво отколку што декларираат производителите.

Студија на институтот Фраунхофер, со која биле опфатени повеќе од 1 милион хибридни автомобили со можност да ги полнат батериите со приклучок на струја (PHEV), покажува дека тие трошат три пати повеќе бензин или дизел во споредба со официјалната сертификација на возилата одобрена од ЕУ.

Во досега најсеопфатното истражување од овој тип биле вклучени автомобили произведени помеѓу 2021 и 2023 година. Податоци од употребувани возила им овозможиле на аналитичарите да ја утврдат нивната прецизна и реална потрошувачка на гориво.

Производителите обично ги рекламираат возилата PHEV како енергетски ефикасни. На хартија тврдат дека трошат помеѓу 1 и 2 литри на 100 километри, во споредба со колите на класичен погон. Студијата покажала дека на овие возила им се потребни во просек по 6 литри за да поминат 100 километри.

Експертите сметаат дека главната причина за поголемата потрошувачка е превидот во користењето на различните погонски режими - електромотор и мотор со внатрешно согорување. Производителите тврдат дека во електричен режим колите воопшто не трошат друго гориво, но студијата покажува дека на реален пат моторот на дизел или бензин се вклучува многу почесто.

Најслаби резултати, во споредба со декларираните, имале хибридите произведени во Германија. Најниско отстапување на потрошувачката било забележано кај возила од пониската класа.

Производителите одговараат дека декларираната потрошувачка на хибридите се базира врз законски пропишаните процедури за мерење на ЕУ, за да се обезбедат униформни и споредливи вредности низ цела Европа. Тие додаваат дека се можни отстапувања од бројките за потрошувачка поради влијание од надворешни фактори, како условите на патот или однесувањето на возачот.

19 февруари 2026 - 11:20