Целта на истражувањето на тимот на Акико Ивасаки, имунолог на Универзитетот Јеил, биле луѓето што по примањето вакцини со мРНК се жалеле на повеќе симптоми одеднаш - замор, нетолеранција на физичка активност, замаглување на мозокот, зуење во уши и вртоглавица. Тоа го издвоиле како досега непознат „синдром на поствакцинација“.
Студијата не утврди што предизвикало овие луѓе да се разболат. Но, таа е првиот увид што може да се случи кај луѓето по вакцинирањето, изјави докторот Ивасаки.
Експерти забележуваат дека наодите треба да се потврдат со независни анализи. Но, имајќи предвид дека научниците вклучени во истражувањето се познати по ригорозната работа, сугерираат дека поствакциналниот синдром заслужува понатамошни испитувања.
Во времето на имунизацијата против ковид илјадници луѓе во САД пријавија здравствени нарушувања откако примиле вакцина со мРНК. Фрагментираниот систем на здравствена заштита во земјата го отежнуваше откривањето на невообичаените несакани ефекти и вкрстена анализа на инцидентите.
Тимот на Ивасаки во периодот од декември 2022 до ноември 2023 година споредил примероци од крв на 42 лица со поствакцинален синдром со крв од 22 луѓе што го немале. Пациентите со синдромот генерално имале полошо здравје. Анализата на компонентите на имунолошкиот систем покажала дека оние со синдромот имале поинакви пропорции на некои имунолошки клетки.
Била направена и споредба со пациенти што страдале од долг ковид, поради сличноста на симптомите. И кај двете групи било забележана реактивација на вирусот Епштајн-Бар, кој се поврзува со појава на мононуклеоза, мултиплекс склероза и други состојби.
Се смета дека некои случаи на долг ковид се резултат на задржувањето на шилестиот протеин на коронавирусот. Тимот на Ивасаки открил дека луѓето со поствакцинален синдром имале значително повисоко ниво на шилестиот протеин дури и од оние со долг ковид, во период до 709 дена по примањето на вакцината.
Џон Вери, директор на Институтот за имунологија на Универзитетот во Пенсилванија, побара овие резултатите да се примат со доза на претпазливост, сè додека не се спроведат потемелни истражувања.
За време на пандемијата научниците паднаа во стапицата дека треба да ги имаме сите одговори, а ако ги немаме тогаш не треба да предупредуваме. Тоа беше грешка. Не можеме со сигурност да кажеме дека ова не може да се случи, оцени Вери.