- Новиот „социјалистички“ градоначалник на Њујорк Зохран Мамдани објави дека ќе го зголеми данокот на имот, првпат по две децении. Не гледа друг начин како градските власти може да ја пополнат дупката од 5 милијарди долари во буџетот.
- „По години лошо управување се соочуваме со буџетска дупка од 5,4 милијарди долари и две можни патеки. Едната е зголемување на даноците за ултрабогатите и најпрофитабилните корпорации, а другата е да се балансира буџетот врз грбот на работниците, преку единствените алатки што му се на располагање на градот“, порача Мамдани.
- За време кампањата тој промовираше прогресивни реформи за финансирање на бесплатен јавен превоз, стабилизација на станарините и програмите за домување, универзална грижа за децата и минимална надница од 30 долари на час.
- Последниот градоначалник што го крена данокот на имот во Њујорк беше Мајкл Блумберг во почетокот на овој век.
- Државата и општините со години ги убедуваа граѓаните да ги заменат старите печки со печки на пелети за да го намалиме загадувањето. За тоа се трошеа јавни пари.
- Денес, пред почетокот на грејната сезона, вреќа од 15 килограми стигнува до 399 денари, цените често не се ни јавно објавени, а граѓаните масовно ги продаваат печките во кои некогаш беа поттикнати да инвестираат.
- Каде пропадна добрата идеја? Државата ја субвенционираше печката. Горивото го заборави. Не е доволно да му помогнеш на граѓанинот да ја купи печката, а потоа да му кажеш дека горивото е работа на пазарот.
- Предлогот на американскиот претседател Доналд Трамп за преименување на вештачката интелигенција (AI) во супер интелигенција (SI) повлече рекордно зголемување на регистрациите на словенечки интернет домени (.si).
- Националниот регистар на Словенија објави дека во септември имало огромна побарувачка за .si домени: биле регистрирани 44.000 .si адреси, а само месец претходно имало помалку од 2.000.
- Тоа е зголемување од речиси 2.200 проценти.
- Праксата за шпекулативно купување домени се вика "cyber-squatting" и целта е тој подоцна да се продаде по висока цена. Рик Шворц во 1997 го купи men.com за 15.000 долари. Седум години подоцна го продаде за 1,32 милиони долари.
- Толку е веста. Легни.си.