Се разбира, не сите се фанови на белобрадиот дедо. Во нашиов дел од светот отпорот често е од традиционалнистички или религиозни причини кога на Дедо Мраз се гледа само како на комерцијализирана и извитоперена верзија на нашите автентични и традиционални вредности и ликови.
Други возрасни пак, искрено му се радуваат како можност барем за кратко повторно да ја живеат магијата од своето детство.
Вообичаената загриженост е дека лажењето ќе ја поткопа довербата на детето кон родителите. Ок, но кој од нас уште смртно им се лути на нашите што нè лажеле за Дедо Мраз? Некои препорачуваат и компромисни решенија од типот: "Ај ќе се правиме дека Дедо Мраз постои и да видиме што ни оставил под елката".
Како втор потенцијален проблем се наведува дека верувањето во Дедо Мраз може на децата да иm го отежне разликувањето на фантазијата од реалноста и евентуално да го одложи когнитивниот развој.
Но. истражувачи утврдиле дека некогаш ситуацијата е обратна: децата со бујна фантазија честопати се подобри во повлекувањето граница меѓу неа и стварноста. Многумина од нив имаат и свои измислени пријателчиња со кои комуницираат и се дружат па сепак, со тек на времето и растењето тоа природно се губи.
Аргументите за одржување на вербата во Дедо Мраз се следниве: како прво, нивното задоволството од идејата дека постои некој Добар дедо кој носи подароци и второ, вербата дека треба да бидат добри за да бидат наградени. Се разбира, во меѓувреме родителите треба да ги научат да бидат добри и без новогодишниот бонус.
Накратко, краткорочните радости од Дедо мраз се драгоцени за детството а долгорочни последици нема ако сè друго е во ред. Ако малиот ви има 28 години и на први јануари сабајлето трча да види шо има под елката, па, бубнете го, ваше дете е.