Филозофите долго време дебатираат за слични дилеми но оваа дискусија сега добива еден нов практичен епилог со оглед на зголемувањето на бројот на возила со комплетно автоматски управувања кои за некоја година ќе станат вообичаена слика на патиштата.
Тие нови господари на 4 тркала ќе мора да се соочат со старата дилема наречена "Проблемот со тролејбусот (пошироко за ова во пдф). Во оригиналната верзија, еден тролејбус шиба накај пет луѓе. Можете да повлечете рачка за машината да сврти на друга шина но и таму има еден човек. Треба ли да убиете еден за да спасите петмина?
За многумина тоа би била оправдана одлука. Но, ајде малку да ја комплицираме. Стоите на мост и го гледате истиот тролејбус залетан накај петтемина луѓе. До вас стои голем и дебел човек за кого сте сигурни дека ако падне под тркалата, ќе го сопре тролејбусот. Треба ли да го бутнете него од мостот?
Очигледно, проблемот со тролејбусот е проблем на две човечки морални обврски кои доаѓаат до конфликт: моралната обврска да спречиме несреќа (на оние петмина) и обврската да не правиме лоши работи ( да го убиеме дебелиот).
Кога луѓе кои не се занимаваат со филозофија се прашани за проблемов, мнозинството смета дека автомобилите треба да бидат програмирани да спречуваат жртви кај другите учесници на сообраќајот. За една студија, дури 75 % испитаници рекле дека колата треба да заврти дури и ако така загине возачот, ако на тој начин се спасува пешак. (пошироко во пдф).
Според една стара школа на мислење (утилитарната), морална акција е онаа која предизвикува максимум среќа за максимум можен број луѓе. По неа, решавајќи една дилема, автомобилот би требало да ги калкулира бројот на жртвите во различните опции.
Но, таа пренебрегнува едно друго важно прашање, она за моралната одговорност. Кој треба да ја понесе одговорноста, оној што седнал во кола или невините минувачи? По оваа линија на размислување, не треба да се вреднува само последицата од некоја одлука туку и тоа кој е морално одговорен за неа.
Хелен Фрове предава практична филозофија на УНиверзитетот во Стокхолм и смета дека авто-пилотот треба да биде програмиран да ги заштити другите учесници во сообраќајот. Бидејќи оние што седнале во кола, знаеле за ризикот кој го носи таквата одлука.
Пред да кажеме "така е!", уште еднаш да закомплицираме: што ако од четири патници во колата две се деца? Тие дефинитивно не знаеле ниту се одговорни за ризикот што се ставени во кола. И како изгледа вистинската морална формула за односот деца- возрасни?
Се разбира дека оваа статија нема да заврши со конечен одговор. Мозгајте сами за тоа, а ако ви е тешко, замислете го тек програмерот на едно такво возило кога пишува кодови а до него седи филозоф кој треба да му ги каже решенијата. И овој вториов нон-стоп се пишмани.