Првоодделенката Хванг Вол-гум има 70 години, и секое сабајле оди на училиште заедно со своите внуци и внуки. Хванг цел живот е неписмена затоа што како мала морала да се грижи за домот и не можела да оди на училиште. Како што Јужна Кореја се наоѓа сред крах на наталитетот по децении постојан пад на стапката на новороденчиња, така во некои делови од земјата училиштата го немаат потребниот минимум ученици за држење часови. Некои од нив решаваат дефицитот да го надоместат со запишување постари жители кои на времето не успеале да стекнат основно образование.
Пример, училиштето во кое се запиша Хванг моментално има вкупно 22 ученици, од кои по еден во 4-то и во 5-то одделение.
Годинава за прв пат од постоењето луѓето од училиштето направиле обиколка на сите околни села и не успеале да најдат ниту едно единствено дете за да го запишат во прво одделение.
Очајни да го спасат 96 години старото училиште и да му дадат причина за постоење, локалците се решаваат да започнат со запишување на стари соселани кои сакале да научат да пишуваат и читаат.
Проектот носи над 30-процентно засилување на бројките на училиштето, запишувајќи 8 нови ученички, главно жени на возраст од 56 до 80 години, а за догодина најмалку уште 4 баби се пријавиле дека сакаат да се приклучат.
Причината зошто сите запишани се баби, е што историски корејските семејства сите средства ги фокусираат на образование на машките деца, додека од женските деца се очекува дека ќе останат дома и ќе помагаат околу куќата и чувањето деца.
Локалците го сметаат училиштето за една од клучните институции за какво такво преживување на местото, и каква таква надеж дека некои млади може ќе се вратат или барем нема да си заминат.