Со одлуката Штутгард и Дизелдорф, двата најзагадени градови во Германија, можат да забранат постари возила кои повеќе загадуваат. Пресудата исто така го отвора патот и други градови да се повикаат на правото на воведување иста забрана.
Активисти за заштита на животната средина тужеа дузина германски градови, по основа дека грaдот има должност да го намали претераното загадување на воздухот со цел да го заштити здравјето на луѓето. Меѓу главните осомничени за загадувањето со азотни оксиди (NOx), кои предизвикуваат респираторни болести и илјадници предвремени смртни случаи годишно, беа наведени и дизел возилата.
Според германската агенција за животна средина, околу 70 германски градови, меѓу кои Минхен, Штутгард и Келн, ја завршија годината со просек на азотен двооксид над дозволените граници од 40 µg/m3. (Моментално во денови со релативно ниско загадување на воздухот, нивото на NO2 во Лисиче е 52,9 µg/m3.)
И автопроизводителите и владата беа против ваквата одлука, генерално по основа дека ова ќе им го комплицира животот на сопствениците на дизел возила, а и дека комплетно ќе ја симне цената на овие возила.
Како дел од решението, и обид ова со забраните да не стане епидемија низ земјата, германската влада понуди фонд од 1 милијарда евра, делумно платен од автоиндустријата, за подобрување на јавниот транспорт и надградба на флотата на електрични автобуси.