Една рударска населба на крајниот север на Шведска се соочува со голем предизвик. Градот лежи врз басен богат со железо, но му се исрцпени нивоата на кои сега се експлоатира. Ако не се ископаат подлабоки тунели за да се стигне до нова руда, работниците наскоро ќе ги загубат нивните работни места. Ама ако ископаат подлабоки тунели, тлото нема да може да ја издржи тежината на објектите.
Соочени со изборот помеѓу невработеност и егзодус, Кируна го бира второто. Неговата преселба може да биде показна вежба и за други градови низ светот кои се во слична ситуација, главно заради климатски промени и качувањето на морското ниво. Во моментов некои делови од градот, оние најблиску до рудникот, се веќе демолирани, а тој почнува постепено да се сели на ново место, на неколку километри источно.
Иако звучи тажно, новата Кируна дава надеж дека целиот потфат ќе се исплати. За разлика од старата населба, формирана 1900 година, новата е детално планирана од шведската архитектонска фирма Вајт, и води сметка за погуста населеност и пожив градски центар. Улиците се проектирани така за да ги заштитат пешаците од силниот ветер - тие го обвиткуваат градскиот плоштад како „кожурец", овозможувајќи луѓето да минуваат подолго време надвор во текот на мрачните зимски месеци. Се планира и биенален културен фестивал, ултра-светли станови и ориентација на целиот град во правец исток-запад. Блиската шума е пристапна за рекреација и прошетки.
Она што восхитува е колку време планираат да се селат Кирунците - цели 85 години. Практично преселбата се прави за оние генерации кои сега се раѓаат, а за чија меморија сепак ќе бидат сочувани неколку објекти од стариот град, како Саат-кулата и црквата изградена во 1912. Другите материјали коишто ќе останат ќе бидат рециклирани преку депо наречено Портал, каде жителите ќе можат и да депонираат и да подигнат дрво, метал и стакло, за поправки и градежни работи во новото место.
Во меѓувреме, старата локација, врз која ќе биде безбедно да се оди, ќе биде претворена во парк, и можна миграциска патека за крдата ирваси.