Планот на Гугл е отворање кампус во населбата Кројцберг, на местото на една поранешна потстаница за струја, која моментално се издава како простор за организирање настани. Ова ќе биде седмиот кампус на Гугл низ светот. До сега има во Лондон, Мадрид, Тел Авив, Сеул, Сао Паоло и Варшава.
Ваквите планови беа пречекани со „жив активизам“ по основа на раселување на локалните бизниси и уметници кои го користат објектот или од околината, како и долгорочно влошување и поскапување на животот и киријата во населбата за нејзините постојни жители.
Дел од активистите објаснуваат дека секаде каде до сега Гугл отворил кампус „тој бил дочекан со аплауз, пример во Лондон каде гентрификацијата веќе се случила, или онаму каде што градот молел за тоа, како Варшава,“ меѓутоа во Берлин луѓето не се така брзо убедени дека тоа е напредок.
Од Гугл одговараат само дека и тие живеат во Берлин и јасни им се стравовите на локалците.
Бумот на технолошки компании во градот и напливот на имигранти корелира со поскапувањето на киријата во градот за речиси 70% во периодот од 2004 до 2016.
Во Берлин 85% од жителите живеат под кирија.
„Активисти и организирани групи на станари веќе некое време работат на проблемот со гентрификацијата, раселување и приватизација на јавниот простор, па кога Гугл одлучи да влезе тука, ние веќе бевме организирани.
Гугл кампус е една од оние работи кои избиваат во преден план - која води кон развој на урбани промени што на други места, како Сан Франциско, се покажаа проблематични,“ објаснува за Гардијан еден од активистите.
Според него, најголем ќар од „дигитализацијата“ на Берлин, ја имаат изнајмувачите на простор, што недвижностите ги изнајмуваат на стартапи кои најчесто не преживуваат повеќе од 3 години, па потоа можат да го изнајмат на друг стартап за повисока цена.
Друга забелешка околу позиционирањето на Гугл кампусот, е што тие со тоа „ќе можат да ја искористат локалната креативна сцена.“
„Тие стратешки го избраа Кројцберг за да извадат ќар од мрежата на креативци, и тукашниот дух да се биде малку надвор од правилата, малку луд и со отворен ум,“ изјавил активистот.
Во борбата против отворањето на кампусот, освен протести активистите два пати месечно во населбата организираат „Анти-Гугл кафе“, поставен е сајтот „Фак оф Гугл“ кој потсетува на сите гревови на компанијата, а активисти работат и им помагаат на локалци кои имаат проблеми или се загрижени околу домувањето.
Луѓето кои се обидуваат да ја смират целата работа, ем да го добијат Гугл, ем да не ги избркаат локалците, објаснуваат дека во овој случај кампусот и нема да биде нешто посебно голем, туку ќе вработува од 6 до 10 луѓе.
„Не велам дека Гугл не треба да дојде тука, ама тие мора да сфатат дека се дел од нешто што навистина ги плаши луѓето... ако така голема компанија сака да се приклучи на најкул, најбунтовната, и најкреативната населба во Берлин, а можеби и во Европа, тогаш мора да има начин на кој тие можат да придонесат во спасување на соседството,“ објаснува Флоријан Шмит од Зелената партија.