Градови што ќе плутаат на вода како идеја постои одамна но главно како утопија заснована на фантазии. Неделава концептот се приближи кон реалноста откако ОН- Хабитат, кој се занимава со проблемите на одржливиот урбан развој, потпиша договор со МИТ и приватната корпорација Океаникс да го развиваат тој модел па да се види до каде ќе се стигне.
Океданикс сити би била група од хексагоналални платформи усидрени на дното (нема да влечат напред), секоја од нив би вдомила 300 луѓе со што би се направила урбана заедница од околу 10.000 луѓе. Под градот би имало кафези за одгледување школки и друг морски свет, градовите сами би ја произведувале потребната енергија а би биле дизајнирани да издржат удари од урагани од петта категорија.
„Најголемо прашање во главите на луѓето е дали таквите градови навистина можат да плутаат. Постојат илјадници куќи во Холандија и други места на истиот принцип. Потребно е само да се скалира проектот,“ уверува Марк Колинс Чен од Океаникс, објаснувајќи дека ваквите градови би се правеле на локации со доволна длабочина за да се избегнат цунамија.
Сметаат дека најголемите проблеми со кои ќе се соочат не се од техничка туку од психолошка природа бидејќи инвеститорите не сакаат да даваат пари во нешто кое до крај не го разбираат (да не отплива тоа чудо еден ден?). Луѓето од проектот веруваат дека нивниот концепт не треба да се нуди како решение за апокалиптични сценарија туку како одржлив, комфорен и економски оправдан начин на живеење.