Фејсбук буквално ја искоренува сиромаштијата кај и да стапне

Проблемот е што тоа не се случува по пат на економско и социјално издигнување на сиромашните слоеви, туку преку нивно систематско бркање од секој град во кој ќе се појави гигантот.

Фејсбук кампусот во Менло парк

Како што Фејсбук решава да го прошири својот кампус во Менло парк, на периферијата на Сан Франциско, така киријата речиси инстантно расте во сите згради и куќи во неговата околина. Ова е фино за газдите на објектите ама не и за нивните кираџии, кои без да имаат и најмало придвижување на своите приходи одеднаш мораат се справуваат со повисока кирија.

Поврзаноста меѓу двете појави, појавување на Фејсбук и скок на кирии, се потврдува и во маркетинг стратегиите на агенциите за недвижности, кои речиси без исклучок ја користат блискоста до Менло парк да го оправдаат зголемување на кириите, кои во примерот што го пренесува Гардијан од 1.100 скокаат на 1.900 долари.

Како и со сите проблеми, Фејсбук и оваа појава одлучи да ја решава со давање пари, па вети дека ќе инвестира 20 милиони долари во проекти за домување во Силициумската долина, со што ќе изгради 1.500 домови околу својот кампус. Сепак, од овие домови само 15% ќе бидат понудени по подпазарна цена. Се проценува дека моментално фалат околу 26.000 домови за покривање на потребите на луѓето со ниски примања.

А и не е само Фејсбук, истата критика важи за сите големи технолошки компании чие населување на нови локации, без разлика во кој град или држава низ светот, речиси секогаш е поврзано со раст на нееднаквоста и иселување на дотогашните жители кои одеднаш не можат да си го дозволат новото соседство.

21 јуни 2018 - 13:10