Египет и новиот град од 45 милијарди долари

На саемот во Шарм ел-Шеик египетскиот министер за домување ги објави плановите за изградба на новиот главен град на Египет, кој ќе биде сместен меѓу Каиро и Суецкиот канал, ќе чини 45 милијарди долари а со проектот ќе раководи првиот човек зад изградбата на Бурџ Калифа.

Во градот треба да бидат сместени сите владини и дипломатски згради, плус околу 5 милиони жители. Површината на градот ќе биде 700 километри квадратни (Скопје е 570). Градот треба да биде оддишка за Каиро кој моментално има меѓу 18 и 20 милиони жители и се очекува во следните 40 години оваа бројка да се зголеми за 2 пати.

Новиот град треба да има 663 здравствени центри, 1.250 џамии и цркви, 1,1 милион домови, ќе биде поделен на 20 окрузи, забавен парк 4 пати поголем од Дизниленд, и аеродром еднаков на Хитроу.

Самиот Каиро во 969-та година е изграден како планиран град, категорија во која влегуваат Санкт Петербург (1703-та), Вашингтон Д.Ц. (1800-та) или Отава (1857-ма). За разлика од историските примери, денешните плански изградени градови најчесто имаат лоша репутација, на ултра скапи и недоволно успешни, комплетирани и населени места. (Ретки успешни модерни примери се Астана, Бразилија и Абуџа.)

Египет има посебно лошо резиме на темава, и според урбанистот Дејвид Симс, властите најмалку 22 пати до сега неуспешно се обидувале да ги преселат Египјаните од градовите во плански изградените предградија.

Планот е новиот град да биде готов за 7 години. Ова е и првата грижа, дали Египет е финансиски моќен да затвори така голем проект за така кратко време. Бразилија и Исламабад без кренати за повеќе од пет години, ама потоа со години продолжи нивната доградба. Едниот град има 2,8 а вториот 1,8 милиони жители.

Моментално владата има собрано доволно пари за изградба на првите 100 километри квадратни во кои ќе бидат сместени владините згради, дипломатските претставништва, домовите, универзитети, технолошки и иновациски паркови. Армијата веќе започна со изградба на автопат од Каиро до локацијта.

18 март 2015 - 12:50