Без Кина, Американците ја горат својата рециклажа

Еко освестените Американци, сакајќи да го прават тоа што е добро, по навика и регуларно го одвојуваат отпадот за да оди на рециклажа, притоа не мислејќи баш многу каде тоа завршува. Завршуваше во Кина, ама до пред некое време. Сега им го горат, по дома.

Совесните граѓани на Филаделфија и натаму ги селектираат своите картони од пици, пластични чаши и срча во одделни контејнери за рециклирање, само што, во последниве три месеци, половина од овој товар оди во камиони и завршува во печките на локалните депонии, пишува Гардијан.

Ваквата ситуација се реплицира низ целата земја која се мачи да се адаптира на новите услови во кои Кина престана да биде крајна дестинација на американскиот отпад. Сето тоа ѓубре завршува во американските депонии или во американскиот воздух, реалност која е особено загрижувачка за здравјето на бројни латино и црнечки заденици кои живеат во предградијата во близина на отпадите.

Во Честер во Пенсилванија, со години со полна пареа работи инценератор. Откако Кина ја воведе забраната за увоз на отпад, таму секојдневно се согоруваат по 200 тони материјал за рециклирање. Резултат: четири од десет деца во Честер имаат астма, ракот на матка е 64% почест отколку во остатокот од Пенсилванија а малигните заболувања се за 24% побројни.

До неодамна, Кина преземаше околу 40% од американската хартија, пластика и други материјали за рециклирање но таа рута сега е преполовена. Во јули 2017 година Кина ја извести Светската трговска дека веќе не може да биде главен прифатен центар за странското ѓубре бидејќи сè потешко се справува и со домашното.

Од јануари 2018 година Кина престана да презема над 20 различни видови рециклирачки материјал како што е пластиката и мешаната хартија, доколку тој отпад не ги задоволи ригорозните правила за контаминација. Она што ќе се увезе за рециклирање мора да биде чисто и неизмешано, стандард кој е практично недостижен за американските градови. 

********

Види и:
Тешко е да се рециклира без Кина

16 април 2019 - 16:54