Градската бука, претежно составена од галама од автомобили (со посебен подфолдер за мотори и „рчкани“ ауспуси) и индустрија, е еден од факторите кои предизвикуваат болештини кај луѓето. Тоа што нема пропратно сивило или какво било друго визуелно помагало, не го менува фактот дека аудио загадување сепак е загадување, и како такво го има секаде.
Губењето слух е една од последиците на аудио загадувањето, и тоа е непоправлива состојба која комплетно го менува начинот на кој се одвива вашиот живот. Додека гласната музика во слушалки или на концерт е очигледниот виновник за ваквиот проблем, аудио загадувањето е тоа што константно работи на нашето оглушување. Другите злодела кои потекнуваат од константната изложеност на бучава е постојана вознемиреност, нервоза и неможност за концентрирање.
Луѓето кои живеат во градови во добар дел од денот се изложени (против нивна волја) на галама од над 85 децибели, од извори како сообраќај, железница, индустриска активност и аеродроми. Инаку просекот на бучава на урбаниот живот е 60 децибели, што според доктори е доволно гласно за на човек да му се крене крвен притисок, пулс и да предизвика стрес, губење концентрација и немање сон.
Како посебно екстремен пример за бучава со која луѓето се соочуваат секојдневно се наведуваат сирените (полиција, брза помош, пожарна) чиј звук има 120 децибели, ниво кое според СЗО е на човечката граница на издржување болка.
„Двата најголеми извори на загадување со бучава се превозот и индустриската активност. Автомобилите ја издигнаа бучавата до сеприсутни нивоа кои не можат да се избегнат.
Индустриските области се бетер. Тие вадат 80 до 89 децибели, доволно гласно за да предизвикаат сериозно оштетување на звукот со текот на време. Звуци како кршење камен, ископување и пилање се движат од 100 до 109 децибели, доволно гласно за да предизвикаат губење на слухот по 15 минутна изложеност,“ пишува Кејт Вагнер во Атлантик.
Предлогот за решавање на проблемот со аудио загадувањето не е да се „удри“ на поединецот, туку на систематско стишување на градовите. На пример асфалтирање и рамнење на истрошените улици, и притоа да се користи порозен асфалт кој ја намалува бучавата од гумите. Или непопуларни мерки како намалување на сообраќајниот капацитет на градот со одземање на една лента од големите улици за таа да им биде дадена на велосипедистите или пешаците или да биде пренаменета за зеленило. Едно од решенијата за намалување на сообраќајот е и повеќе и поорганизиран јавен превоз.