Името не се менува туку факинг така

Градските власти во едно место во Њу Хемшир отпрвин не му дозволиле на еден виетнамски ресторан да постави знак со своето име бидејќи комбинацијата на зборови им звучела непристојно. Откако виделе дека сопствениците се докрај решени да го бранат своето име, на крајот сепак решиле: Ок, викајте се како сакате.

Ресторанот специјализира со едно од најпопуларните и најпознати виетнамски јадења, нивната супа.

Супата се пишува „pho“ но се изговара „фа“ (нешто меѓу „о“ и „а“).

Името на градот е Кин.

И онда овие најнормално решиле ресторанот да се вика „ФаКин Грејт’.

Било најавено отворање на ресторанот за 1-ви март непосредно до општинската зграда, но сопствениците наишле на неочекуван проблем откако властите не им дозволиле да закачат знак со таков натпис бидејќи им звучело како пцовка.

„Тоа што за некого е пцовка, за друг е поезија“ ги потсетиле овие во својот допис градските власти на познатите зборови на  легендарниот американски врховен судија Џон Маршал Харлан Вториот.

Признаваат дека се работи за игра на зборови но не признаваат дека толкувањето на властите е единственото можно. По нив, нивното име е забавно, лесно се памти, и им оддава почит и на супата која ја прават и на местото во кое ќе работат.

И можеби клучно за конечниот исход, ги потсетуваат дека имаат договор со градот, пријавени токму под тоа име (пазете, договор со еден град, не па со преку 140 држави во светот). На властите веројатно името не им звучело скарадно кога било напишано во формулар, ама кога го виделе ставено на знак, ја скопчале финтата.

„Ние не планираме да го смениме името на нашиот бизнис бидејќи и во тоа име и во целиот концепт имаме вложено илјадници долари“, јасно дале до знаење сопствениците на ФаКин Грејт по што на властите им станало јасно дека овие се озбилни па дозволиле ФаКин Грејт да го задржи своето име.

Така се ФаКин прави тоа.

 

23 јануари 2019 - 13:08