Пред да фати да ја гледа Нетфликс верзијата на приказната за нејзиниот сонародник, Каталина Руиз-Наваро решава прво да ја пројде колумбиската серија за него: Escobar - El patrón del mal (Босот на злото). Серијата е правена по колумбиски формат, што значи сапунска опера со вкупно 113 епизоди од по 25 минути, кои никако не пасуваат во моменталниот модел на Нетфликс.
Она што и се допаѓа околу колумбиската верзија е што е "направена за публика која ги живееше 80-те и која лесно може да забележи неправилност. Ел патрон автентично го претставува Ескобар: буцмаст, добар говорник и шармантен маж кој одеднаш може да се претвори во еден од најголемите психопати што Колумбија некогаш го видела." Забелешката и е околу непотребните и срамни мелодрами во серијата, ама некако треба да се пополнат 113 епизоди.
Во текстот за Ел Спектадор, Каталина Руиз-Наваро пишува:
"По месец и нешто гледање Ел патрон, го почнав Наркос. Секако, одлично режиран. Меѓутоа го претставува Ескобар како мачо - со стомачни и сè останато - а актерот што го глуми го нема совладано мекиот 'паиса' акцент на Меделин и околината, кој го прави истовремено да звучи и љубезно и стравотно опасен.
Приказната се движи со вратоломна брзина, експлозии насекаде, херој од американската ДЕА испратен во нашата земја од 'третиот свет', и по неколку епизоди, се навлекуваш на серијата. Меѓутоа кога видов дека серијата го елиминира Гилермо Кано, новинарот што ги прави клучните откритија за Ескобар, и го претвора претседателскиот кандидат Луис Карлос Галан во спореден лик, реков - доста е.
Денес знаеме дека во 1968 американскиот претседател Ричард Никсон ја измисли неговата 'војна против дрогата' за да може да затвора црнци и хипици и да го поткопува влијанието на групи кои се противеа на Виетнамската војна. Ова беше профитабилен бизнис затоа што ги неутрализираше неговите непријатели и му помагаше на САД да продава оружје кое дополнително ги ширеше конфликтите во земјите каде што се произведуваше дрога. ДЕА ништо не направи за нас. Војната против дрогата е профитабилен проект кој и денес продолжува да опстојува на континентот.
Сепак, Наркос ги покажува Американците како наши спасители. Истите Американци кои ја измислија оваа војна и сега создадоа серија со многу малку внимание за историјата. Тие потоа се забавуваа себе си гледајќи ги Колумбијците како се убиваат меѓу себе и, полошо, заработуваа од тоа.
Наркос секако е добра серија стриктно во естетска смисла: брзо темпо, одлични глумци и сите телевизиски работи што Американците толку добро ги прават. Меѓутоа во етичка смисла, ме вознемирува бидејќи е директна негација на нашите херои и хероињи, и претставата дека луѓето се забавувале и јаделе чипс додека го гледале сето тоа насилство. Никој не вели дека не треба да има фиктивна серија за Ескобар. Меѓутоа навистина е малку прерано да правиш бизнисот со наркотици да изгледа модерен (додека го исклучуваш историскиот контекст) и да го величаш човекот кој е индиректно виновен за смртта на милиони луѓе. Семејствата на жртвите се уште се во тага."