Според американските пресметки во 2014-та вработените во просек може да очекуваат покачување од 3%. Дури и вработените со најлоши перформанси може да очекуваат зголемување од 1,3%, додека оние со најдобри перформанси може да се надеваат на 4,5%. На ова треба пресметаш инфлација од 2,1%, што значи дека просечниот раст на платата би бил помалку од 1%.
Наспроти растот од 1% што го добиваш со останување на компанија, луѓето кои ја смениле работата (по сопствена желба), во просек добиле зголемување на платата од 10 до 20%.
Ваквата разлика е повторно последица на рецесијата. Кога почна да снемува пари компаниите се вадеа на рецесијата за замрзнување на платниот список. Иако ова е разбирлива реакција, проблемот е што таа требаше да биде привремена. Наместо тоа, таа стана норма, и никој не планира да ја укине оваа пракса. (Пред рецесијата просекот беше 5% годишен раст на платата.) Наспроти ова, побарувачката на квалификувани работници се зголемува и тоа на светско ниво, па компаниите не жалат пари за ангажирање на нови луѓе.
"Често пати гледам резимеа на кои луѓето имаат само по неколку години во секоја компанија. Открив дека луѓето кои често менуваат работа обично добиваат повисока плата. Проблемот со останување во компанијата засекогаш е што почнуваш со основна плата и потоа таа ти расте на годишно ниво за неколку проценти во зависност од твојата актуелна плата. Често пати има и ограничување колку менаџерот може да ти ја зголеми платата, кое се базира на твојата основна плата. Како и да е, ако се преселиш во друга компанија, почнуваш од ново и обично на почеток добиваш повисока основна плата. Компаниите кои се натпреваруваат за твојот талент често не се плашат да платат повеќе кога најмуваат, ако тоа значи дека можат да го најмат најдобриот талент. Истото важи и за твојата позиција. Некои компании ограничуваат колку можеш да бидеш унапреден во текот на една година. Кога еднаш си утврден во една компанија, станува многу потешко да добиеш промоција бидејќи можеби чекаш во ред зад другите кои требало да бидат промовирани пред една година, ама не стигнале заради ограничувањето. Како и да е, ако аплицираш во друга компанија, твоите вештини може да одговараат за повисока титула, и компанијата ќе те најми за таа позиција. Имам многу колеги што ги гледав како чекаат одредена позиција и конечно ја добија дента кога напуштија и беа најмени од нова компанија," објаснува менаџерката за вработување во Силициумската долина, Бетани Девин.
Главниот аргумент против честото менување на работата е дека тоа лошо изгледа во резимето и дека за одредени фирми ова би било негативна ставка, по која би се дисквалификувал кандидатот.
И покрај ова, според претседателката на TechniSearch Recruiters, прашањето не е дали човек треба често да ја менува работата, туку колку треба да чека пред да го направи тоа.
"Фактот е дека вработените не се доволно платени. Наместо да се фокусираме на работи што не можеме да ги контролираме, како економија и менаџерски одлуки, треба да се фокусираме на работи што може да ги контролираме. Вработените можат да ги контролираат своите плати со агресивно преговарање на своите опции и да не се плашат да побараат повеќе.
Јасно е дека секогаш ќе има исклучоци на ова правило. Нема сите да бидат во можност веднаш да донесат одлука, ама секој вработен треба да ја разгледа оваа опција. Не ги обвинувам работодавците и компаниите за тоа како стои пазарот, бидејќи секој има право и должност да ги максимизира своите профити. Ама како индивидуалец, ти си ЦЕО на тебе, и ти имаш должност да ги максимизираш своите профити," пишува Камерон Кенг за Форбс.