Австрија признава шеријатски закон во приватни спорови

Австриски граѓански и секуларен суд во контроверзна одлука пресуди дека исламскиот шеријатски закон може да се примени во арбитражни спорови во земјата, под услов сите страни во договорот да се согласат со тоа. Тажен ден за секуларната уставна држава, коментираше опозициски пратеник. Европскиот суд за човекови права во 2003 година пресуди дека шеријатот е забранет во Европа.

Двајца мажи во Австрија потпишале договор во кој прифатиле во случај на спор да решава арбитражниот трибунал врз основа на исламскиот шеријатски закон „во согласност со праведноста и најдоброто знаење и верување“.

Кога се појавил спор, арбитражниот трибунал пресудил против тужителот и му наложил да плати 320.000 евра. Тој ја обжалил пресудата пред Виенскиот регионален суд за граѓански работи, тврдејќи дека примената на исламскиот закон е произволна, бидејќи учени луѓе различно го толкуваат шеријатот. Тој исто така тврдел дека примената на шеријатот ги крши основните вредности на австриското право.

Секуларниот суд сепак ја прогласил одлуката на арбитражниот трибунал за законска.

Дали или кои правила на исламското право се применети во овој случај не е предмет на разгледување. Резултатот на арбитражниот трибунал не е во спротивност со основните австриски принципи и тоа е сè што е важно, објавил регионалниот суд.

Во заклучокот било нагласено дека исламските правни одредби може „ефикасно да се регулираат со арбитражен договор“ за имотни побарувања.

Одлуката на судот предизвика бура од критики и загриженост за исламизација на Австрија.

Ова ја отвора вратата за политичкиот ислам уште пошироко. Одлуката ги зајакнува исламските паралелни заедници во Австрија и ги ослабува оние кои не сакаат да се покорат на исламот. Тажен ден за секуларната уставна држава, рече пратеникот Михаил Шилсегер од десничарската Австриска партија на слободата (ФПО).

Шеријатот е некомпатибилен со австриското разбирање на правото и ги крши сите морални норми што ги знам. За жал, нашиот уставен поредок во моментов е немоќен против оваа форма на ислам, додава неговиот партиски колега Манфред Хајмбукнер.

Случајот не предизвикува само гнев во десничарските кругови. Турската културна заедница (ТКГ) - здружение на секуларни Турци во Австрија, протестираше против одлуката за признавање на шеријатот „како закон“ и потсети дека Европскиот суд за човекови права пресуди во 2003 година дека шеријатот и воведувањето на паралелен правен систем се забранети во Европа.

Одлуката на виенскиот суд претставува големо влијание денес врз секуларната економија, а утре можеби и врз прописите за производство, услуги и продажба, реагира генералната секретарка на ТКГ, Мелиса Гунеш.

21 август 2025 - 08:58