За Амазон работат милион роботи

Џеф Безос најде начин како да ги смири протестите од вработените. Наместо да им ја олесни работата, ги заменува со машини. Не оти и досега Амазонците многу се разликуваа од роботи. Немаа право ни на пауза за тоалет, па си носеа шишенца за мочање. Машините работат неуморно, не бараат поголема плата, не губат време по одмори и боледувања, не се организираат синдикално и не се бунат. Сè уште не.

Амазон се пофали дека бројот на роботите во неговите магацини достигнал 1 милион. Тоа е речиси 75% од оној на вработените луѓе и се очекува за некоја година да го надмине ако продолжи ова темпо на автоматизација на работните процеси.

Компанијата на Џеф Безос почна да тестира роботи во своите објекти во 2012 година, со автоматизирана машина за прераспределување залихи во магацините. Во флотата сега има девет типа роботи специјализирани за различни задачи – за пронаоѓање предмети во магацините, сортирање, пакување, сè до достава до центрите за испорака. 

Роботизацијата ѝ помогна на компанијата да ја зголеми и да ја забрза понудата за испорака на производи. Бројот на доставени пакети по вработено лице се зголеми од 175 во 2015 година на 3.870 лани. За таквиот сооднос придонесе и вештачката интелигенција, која ја намали потребата од човечки фактор. Просечниот број на вработени по објект лани беше околу 670, најнизок за Амазон во последните 16 години.

Воведувањето повеќе генеративна вештачка интелигенција ќе го промени начинот на нашата работа. Ќе ни требаат помалку луѓе на сегашните работни места, а повеќе на други позиции, им порача во јуни директорот Енди Џеси на вработените.

Во понеделникот Амазон го претстави и новиот модел со ВИ DeepFleet, кој ќе го координира движењето на роботите за да го скрати времето за транспорт за 10%. Се шпекулира дека компанијата во погон во Сан Франциско тестира и хуманоидни роботи, кои ќе се возат во комбе и ќе ги доставуваат пакетите на врата на купувачите. 

Се надградува и услугата Prime air за достава со летечки дронови, кои сега во одредени области испорачуваат пакети побрзо од 60 минути откако биле нарачани производите.

******
За Амазонците: Амазон и правото на работникот да не моча во шише
Амазон дневник, записите на работник во магацините на Амазон
Безос во одбрана на Амазон
Амазон отпушта 18.000 работници

 

2 јули 2025 - 13:09