Амазон дневник, записите на работник во магацините на Амазон

Анонимен вработен во центрите за полнење на нарачки на Амазон почнува да пишува колумна за Гардијан во која открива инсајдерски информации за работата и своите колеги. Во магацинот се вработува пред почетокот на главната сезона.

Добредојдовте Амазонци. Секогаш е прв ден. Дали сте подготвени да направите разлика?

Ова беше мојот прв ден како сезонски работник во Амазон, ангажиран баш пред почетокот на главната сезона. Нашиот претпоставен беше налик многу менаџери на Амазон: поранешен војник, белец, во доцни 40-ти во регуларни фармерки и маичка со „Амазон војска“ испишана на предниот дел. Тој нацрта линија до превртената пирамида, пишувајќи „најмалку важни“ на дното и „најважни“ нагоре, додека зборот „муштерија“ беше испишан на самиот врв.

„Каде мислите дека Џеф Безос се гледа на оваа слика?“

Молк. Тој покажува кон дното на пирамидата.

„Џеф себе си се смета за најмалку важната личност во компанијата. Она за што се грижи оваа компанија е исполнување на ветувањата дадени на муштериите, и ставање на муштериите на прво место.“

„Каде мислите дека се наоѓаат нашите помошници?“

Тишина.

„Тука! Џеф вас ве гледа во самиот врв! Вие, помошниците, сте најблиску до муштериите. Од вас зависи, секој ден, дали ќе го одржиме ветувањето кон потрошувачите. Како помошници од првите линии, вие сте најважниот дел од оваа компанија!“

Како што тргнавме кон нашата обука носејќи го новиот портокалов елек за помошник и носејќи го мојот бел беџ на кој пишува дека сум „сезонски“ работник, ми пристапи колега во фенси сино-зелен „амбасадорски“ елек и со син беџ на кој пишува дека тој „преминал“ во не-сезонски работник на Амазон.

„Ти ги покажаа глупостите со пирамидата?

Климнав со глава.

„Тоа е чисто срање.“ Се изнасмеавме, ама не бев сигурен дека разбрав.

„Добредојде во Амазон,“ ми порача.

Превртената пирамида ми остана во памет како помошник за пакување во Амазон. За некои работи таа е во право. Важно е да се подвратиш малку и да сфатиш што навистина е центар за пополнување нарачки на Амазон. Пред Амазон, продажбата на работи главно се случуваше во физички продавници. Влегуваш во продавница и таму може да има дузини вработени, некои полнат полици, други се на каса, трети ја контролираат залихата. Темпото и ритамот на денот, барем споредено со центрите за пополнување, може да биде релативно релаксирано.

Во Амазон, за споредба, ние не сме вработени во продажба. Ние сме фабрички работници.

Еден центар за пополнување нарачки може да има 1500 до 2000 работници со полно работно време, кои секој ден складираат, земаат, пакуваат, растовараат, сортираат, и испорачуваат стотици илјади предмети на ден. Центрите се исполнети со вртењето, триењето и завивањето на транспортните појаси, и непрестајното движење на киваботови кои разнесуваат полици.

Работиме напорно, и внимателно, за Амазон да функционира. Додека нашите колективни напори создаваат неверојатно резултати, ние сме уште поинтензивно надгледувани. Преку користење на дигитални тракери и индикатори, нашиот работен ден е менаџиран до секунда, а секоја задача се мери според „стапка“ одредена од менаџерите кои нè притискаат да работиме уште побрзо. Работата најчесто е организирана за да ги спречи работниците да муабетат па дури и да прават паузи, време кое инаку се смета за „не работно“. Како работници на фабричка лента, ние во основа сме само додаток на машините.

Кога ќе сфатиш дека ние сме тоа што го држи Амазон во погон, и најважен дел од бизнисот, тоа што нè ставаат најгоре на пирамидата е точно. Работниците - без разлика дали инженери или стотици илјади магацински работници - се 'рбетот на овој бизнис и извор на зачудувачко богатство. Без нас нема Амазон прајм, нема приходи од рекламирање, нема стримање видео, нема ново седиште на Амазон.

Како и да е, аналогијата со пирамидата исто така одговара бидејќи од време на време местово остава впечаток на пирамидална шема. По неколку месеци во компанијата, на најголемиот дел од работниците им станува јасно дека менаџментот не нè смета за клучен дел од нивниот успех. Во реалноста, тие нè третираат како потрошни делови.

Не минува долго време пред да видиш како на луѓе им откажуваат грбовите, како кутии им паѓаат на глава, колеги како добиваат карпален тунел на зглобовите, и слаби колена кои никогаш не се подобруваат. Гледаш сексизам, расизам, предрасуди по основа на години, во култура на унапредување загадена со фаворизирање. Гледаш емоционално токсична култура, каде стресот на остварување производните таргети ги доведува менаџерите да се однесуваат со работниците како со предмети, да ги притискаат да работат уште повеќе и побрзо без никаков обѕир кон емоционалната и персонална штета. Дома доаѓаш истоштен, премногу истрошен за да минуваш време со своите деца или пријатели. А гледаш дека богатството што ние сме го создале е собрано од нашиот газда - најбогатиот човек на модерниот свет - додека нашите плати едвај нè одржуваат во живот. Многу зборуваниот раст на минимумот на Амазон на 15 долари не е доволен за илјадници од нас да нè одведе до средната класа.

Оние од нас што сме на дното на пирамидата ги ризикуваме нашите тела и животи, меѓутоа оние што се на врвот на пирамидата не оставаат да страдаме. Колку си поблиску до вршење на вистинска работа која помага компанијата да функционира, толку повеќе твојата самопочит е под напад.

Секоја недела оваа колумна ќе се обиде да ја разбере комплексноста на животот во Амазон, и да го испита влијанието што Амазон го има врз нашиот живот и пошироката заедница. Притоа, сакам една работа да биде јасна: работниците на Амазон заслужуваат почит. Како луѓе кои прават оваа компанија да функционира, ние сме уникатни. И само ако сме обединети ние ќе можеме да ја трансформираме нашата компанија и заедниците да бидат онакви какви што сакаме.

Амазон дневник

22 ноември 2018 - 15:02