
Србија во првите шест месеци од годинава му продала муниција на Израел за 55,5 милиони евра, повеќе отколку во целата претходна година, кога извозот достигна рекордни 47,9 милиони евра, тврдат во заедничко истражување новинари од БИРН и од весникот Хаарец.
Претседателот Александар Вучиќ на оваа тема даде неколку конфузни изјави. На 6 јуни, во интервју за Ерусалим пост, се пофали дека Србија е „единствената земја во Европа што му продава муниција на Израел“. Неполни три недели подоцна, на новинарско прашање дали со извозот на муниција Србија избрала страна во војната, Вучиќ изјави дека испораките запреле: „Сега не извезуваме ништо. Запревме сè и мора да има посебни и посебни одлуки“.
Само неколку часа по оваа изјава, на аеродромот „Никола Тесла“ слетал израелски товарен боинг 747 и следниот ден заминал за воздухопловната база Неватим, покажуваат податоци од базата на Flightradar24.
Не ми паѓа на памет да кажам што полетало, а што слетало, одговорил Вучиќ на барањето да го коментира летот.
Во текот на изминатите две години, Србија се покажа како важен воен сојузник за Израел. Во текот на оваа година се регистрирани 16 летови на товарни авиони од Белград до Неватим. Покрај државната компанија Југоимпорт СДПР, уште пет приватни српски компании извезле муниција на израелски безбедносни компании чии клиенти се Израелските одбранбени сили (ИДФ).
Мирко Даутовиќ, предавач по меѓународни односи на Универзитетот Вебстер во Ташкент, за BIRN изјави дека снабдувањето на Израел со муниција, и покрај меѓународната осуда на воените злосторства и страдањето на Палестинците, не е само прашање на пари.
Извозот на муниција тој го поврзува со српскиот увоз на напредно израелско оружје и шпионски софтвер за кој Амнести интернешнел тврди дека бил користен за следење активисти и новинари.
Од вкупниот извоз на воена опрема, државната компанија Југоимпорт-СДПР учествува со повеќе од 50 милиони евра. Преостанатите пет милиони ги поделиле приватните компании Ромакс трејд, Едепро, Конфидекс и ЛСЕ Ленд Системс Инженеринг. Најголемиот извоз годинава бил забележан во јануари и мај. Во јануари имало три пратки во вредност од околу 15 милиони евра, а во мај со шест летови била извезена воена опрема во во вкупна вредност од 21,3 милиони евра.
Меѓу купувачите е IMI Systems, во сопственост на моќниот производител на оружје Elbit Systems, кој неодамна потпиша договор од 335 милиони долари со Србија за набавка на напреден ракетен артилериски систем PULS и беспилотни летала „Хермес“.
Известувачката на Обединетите нации Франческа Албанезе во својот извештај од 30 јуни го посочи Elbit Systems како „профитер од геноцидот во Газа“, односно како една од „компаниите што учествуваат во производството на уреди за надзор, контрола на толпа, урбана војна, препознавање на лица и целни убиства - алатки што се тестираат во пракса врз Палестинците“.