
Во серија експерименти, истражувачите им поставиле визири за виртуелна реалност на 248 учесници и им пуштиле снимка како им се приближуваат различни аватари со човечки лик. Некои аватари приоѓале неутрални или исплашени, а други јасно покажувале знаци на болест, како кашлање или осип.
При еден од експериментите, од учесниците било побарано да притиснат копче кога ќе почувствуваат благ допир на лицето. Тие реагирале многу побрзо кога гледале аватар што изгледал болно, што сугерира дека погледот ги направил посвесни за просторот околу нивното тело.
Снимањето на мозокот откри дека различни региони на мозокот се активирале кога учесниците ги виделе заразените аватари - областите поврзани со личниот простор и оние што детектираат закани. Хипоталамусот, кој комуницира со имунолошкиот систем се активирал порано кога очите регистрирале како се приближува болен човек.
Реакциите се поврзани со активирање на имуните клетки во крвта. Овие вродени лимфоидни клетки функционираат како центар за итна тревога и ги алармираат другите имуни клетки за закани.
Ова покажува дека имунолошкиот систем е тесно поврзан со централниот нервен систем. Препознавањето на заканата веднаш се префрла врз имунолошкиот систем за да произведе подготвителен одговор, забележува Мајкл Ирвин, психијатар и биобихевиорален научник на Универзитетот во Калифорнија, во рецензија на студијата.
Други учесници во студијата примиле доза вакцина против грип, за да може тимот да го измери нивниот одговор на вистински контакт со патоген. Нивното активирање на вродените лимфоидни клетки било паралелно со она што истражувачите го измериле кај учесниците изложени на болните лица во виртуелна реалност.
Иако истражувањето не дало цврсти докази дека вештачки поттикнатиот имунолошки одговор всушност му помага на телото да се бори против инфекција, искуствата од студијата може да помогнат во разни потенцијални третмани.
Виртуелната реалност би можела да се користи, на пример, за зголемување на ефикасноста на лековите против болки или за поттикнување имунолошка реакција по примена вакцина.