
Бранот лажни научни студии што ги преплавува списанијата се шири побрзо отколку што издавачите можат да ги откријат измамите и да отстранат од журналите. Во периодот од 2016 до 2020 година нивниот број се дуплирал на секои 18 месеци, покажува ново истражување, објавено во Зборникот на трудови на Националната академија на науките (ПНАС).
Проблемот го создаваат „печатници“ – групи или поединци што на научници со загрозени кариери им гарантираат дека труд со нивното име ќе биде објавено во легитимни списанија.
Целата структура на науката би можела да се распадне ако ова не се реши, предупредува физичарот Луис Амарал од Универзитетот Нортвестерн.
Печатниците бараат слаби алки во ригорозниот механизам за објавување, како лабави протоколи за верификација или корумпирани уредници, и преку нив пласираат стотици измислени студии.
Пронаоѓањето и чистењето на лажните трудови е скапа работа. Некои издавачи повлекле стотици трудови одеднаш, а имало и полоши случаи. „Вајли“ со портфолио од 1.600 списанија, лани објави дека ќе затвори 19 публикации што биле жртви на „печатниците“. Само овој издавач повлекол повеќе од 11.300 сомнителни научни трудови.
„Тејлор и Франсис“, академски издавач на повеќе од 2.700 списанија, неодамна престана да прима трудови за журналот „Биоинженеринг“ сè додека се спроведува истрага за легитимноста на досега објавените истражувања.
Знаеме за вакви случаи само затоа што во „Вајли“ беа транспарентни за начинот на кој се обидуваат да ги решат проблемите, вели Рис Ричардсон, еден од авторите на новото истражување.
Со новата анализа била создадена база на податоци со над 32.700 трудови за кои има сомневања дека се изработени во печатница. Како и при генерирањето, така и за проверката на трудовите се користат алатки со вештачка интелигенција. Новиот систем собира податоци од повеќе места и триангулира сигнали од разни извори за да се добие првичен преглед на проблемот.
Анализата покажала дека во периодот од 2006 до 2023 година биле објавени близу 277.000 научни трудови, а биле повлечени само 700. Но, од 18.300 уредници што работеле на објавените статии, 22 отскокнувале со невообичаено висока стапка на поврзаност од 19% со повлечените студии.
Рене Хох, раководителка на одделението за етика на објавување во PLOS, наведува дека новите алатки со ВИ помагаат побрзо да се пронајдат корумпирани уредници и лажни трудови, дури и пред да бидат објавени.
За откривање на измамите помага и алатката за пронаоѓање фотографии, слики или дијаграми што се појавуваат во идентична форма во повеќе трудови. Овие фотографии треба да бидат единствени за секој труд, но на форумот PubPeer биле пријавени 4.188 случаи на дуплирани слики.
Авторите на новото истражување укажуваат дека издавачите мораат уште повеќе да ја забрзаат проверката за да го достигнат нивото на штанцање трудови. Во 2020 година биле повлечени 2.905 објавени статии, но списанијата во истиот период биле оптоварени со повеќе од 4.500 сомнителни трудови.