Авторот на „Hired: Six Months Undercover in Low-Wage Britain,“ Џејмс Блодворт 6 месеци работи во складот, за да ги види работните услови. Тој тврди дека секој ден морал да пешачи околу 16 километри, и дека таквото „губење време“ било постојано мониторирано.
Блодворт објаснува дека како резултат на ова „луѓето мочаа во шишиња бидејќи живееа во страв дека ќе бидат укорени за ’изгубеното време’ и дека ќе останат без работа затоа што морале да одат во тоалет.“
Сосема одделна студија објавена викендов открива дека 74% од анкетираните пакувачи на Амазон избегнувале одење во тоалет за да спречат дисциплински мерки. Најголемиот дел од нив биле загрижени дека нема да ги исполнат се повисоките таргети.
Друга репортажа објавена во британски Мирор, пишува дека од работниците се барало цело време да стојат за време на своите 10-часовни смени, освен на 30-минутната пауза. Паузите за тоалет автоматски биле мерени во моментот на напуштање на работното место. Во репортажата се наведува и случај на работник кој колабирал и друг работник кој доживеал паничен напад откако му било кажано дека ќе има 55-часовна работна недела во деновите пред Божиќ.
Самото одење на пауза е посебен ритуал. Имаш две опции, пауза од 30 минути, или две паузи од по 15 минути. Првата пауза не е платена, втората опција 2х15 е платена. Проблем кај втората опција е што местата за пауза се толку оддалечени од работните места, што добар дел од паузата минува во одење и враќање од таму.
Општиот впечаток на Блодворт е дека целото искуство се одвивало во затворски услови, со најстроги мерки на безбедност, во кои секој работник морал да минува низ скенер и бил претресуван на крај од смената. На работното место како дел од безбедносни мерки биле забранети капи, наочари за сонце и мобилни уреди.