Тужбата следи по тврдењата на претседателот Доналд Трамп дека ацетаминофенот, една од главните состојки во Тиленол, го зголемува ризикот од развој на аутизам кај деца. Трамп ги повика жените да не го користат лекот додека се бремени за да не им наштетат на бебињата.
Тиленол е еден од најкористените лекови против треска и зголемена температура и се продава во аптеки без лекарски рецепт. Со децении беше продаван од „Џонсон и Џонсон“, сè до 2023 година, кога беше отстапен на новоформирана компанија „Кенвју“.
Во тужбата од сојузната држава Тексас се тврди дека и поранешниот и актуелниот производител на Тиленол знаеле за врските од лекот со аутизмот и АДХД (дефицит на внимание со хиперактивност), но свесно ги криеле доказите од потрошувачите. Во тужбата се тврди дека „Кенвју“ бил намерно создаден за да го заштити од одговорност фармацевтскиот гигант „Џонсон и Џонсон“.
Цврсто стоиме зад глобалната медицинска заедница која ја признава безбедноста на ацетаминофенот и веруваме дека ќе продолжиме да бидеме успешни во судските спорови бидејќи на овие тврдења им недостасува правна основа и научна поддршка, изјави претставничка на „Кенвју“.
„Џонсон и Џонсон“ уште во 2021 година најави дека ќе ги префрли Тиленол, бебешкиот шампон и други производи во нова компанија „за да се фокусира на попрофитабилни бизниси за фармацевтските производи и медицински помагала“. Компанијата и претходно се соочуваше и скапи тужби поради нејзината улога во епидемијата на опиоиди и поради обвинувањата дека талкот што некогаш се користел во нејзината бебешка пудра предизвикал рак.
Во изминатите години зачестија и приватни тужби од семејства што тврдат дека на нивните деца им е дијагностициран аутизам или АДХД откако мајките користеле Тиленол за време на бременоста. Федерален судија во Њујорк во 2023 година ги отфрли тужбите, наведувајќи „недостаток на сигурни научни докази“. Тужителите се жалеа на одлуката, а расправата пред апелационен панел е закажана за 17 ноември.
Администрацијата за храна и лекови во септември најави дека ќе инсистира на етикетата на Тиленол да биде објавено предупредување за потенцијалните ризици за аутизам и АДХД. Администрацијата се повикува на неодамнешен научен преглед од експерти од Харвард и од Медицинскиот факултет Маунт Синај. Во повеќе од половината од 46-те студии вклучени во прегледот биле пронајдени позитивни корелации помеѓу употребата на лекот за време на бременоста и невроразвојните нарушувања кај децата.
Научниците, сепак, предупредија дека студиите не докажуваат дека ацетаминофенот предизвикува аутизам, кој е поврзан со комплексна интеракција на генетиката и факторите на животната средина.
******
Види и: Производителот на „тиленол“ со години го криел ризикот од аутизам