
Внатрешни документи на фармацевтската компанија Johnson & Johnson, производителот на „тиленол“ (кај нас познат како парацетамол) покажуваат дека уште во 2018 година била признаена како „тешка“ загриженоста за поврзаноста на лекот користен во бременоста со нарушувања на развојот, како аутизам кај децата.
Првите предупредувања од истражувања и од корисници ги добиле многу порано. Одделението „Јансен“ (фармацевтската гранка на Johnson & Johnson) уште во 2008 година почнал да одговара на барања од потрошувачи и лекари за потенцијална врска помеѓу ацетаминофен (главната состојка на тиленол) и аутизам. Андре Ман, раководителот на Канцеларијата за медицинска безбедност на потрошувачите на Johnson & Johnson, реагирајќи на писмо од загрижен лекар, во интерен документ забележал: „Нема многу избор освен да се смета ова за безбедносен сигнал што треба да се процени“.
Во 2012 година Лесли Шур, раководител за пост-пазарен мониторинг на безбедноста на лековите на Johnson & Johnson, добил известување од загрижен татко за ризиците. Документот бил означен како „итен, во случај ова да стигне до печатот“.
Во 2018 година Рејчел Вајнштајн, директорка во Јансен за епидемиологија во САД, во е-пошта ги предупредила колегите во врска со поврзаноста помеѓу пренаталната употреба на ацетаминофен и невроразвојните нарушувања како аутизмот: „Тежината на доказите почнува да ми се чини голема“.
Тоа потврдува дека Johnson & Johnson активно ги следел студиите и извештаите од загрижени корисници, но избегнал да предупреди на можен ризик. Наместо тоа, Johnson & Johnson го издвоил своето одделение за здравје на потрошувачите во нова компанија Кенвју, со што практично ѝ ја префрлил и одговорноста.
Покрената е колективна постапка против Кенвју пред федерален суд во Њу Џерси, кој истражува дали производителите не предупредиле за ризиците. Во 2023 година судијката Денис Коут по скратена постапка пресудила во полза на Кенвју. Сослушувањата пред Апелацискиот суд ќе почнат на 9 октомври. Ешли Келер, адвокат на семејствата со аутистични деца, тврди дека жените треба да бидат предупредени за ризикот.
Видовме глупости со ковид за секакви работи што се покажаа како невистинити. Тие рекоа дека овие лаги се благородни. Па, не треба да ги зашеќеруваме работите за бремените мајки, рече Келер за DCNF.
Портпаролката на Кенвју, Мелиса Вит, тврди дека тиленол не претставува ризик.
За нас ништо не е поважно од здравјето и безбедноста на луѓето што ги користат нашите производи. Континуирано ја оценуваме науката и веруваме дека нема причинско-последична врска помеѓу употребата на ацетаминофен за време на бременоста и аутизмот, изјави Вит.
Таа тврди дека ацетаминофенот е „најбезбедната опција“ за ублажување на болка за жени во текот на целата нивна бременост.
Нашите производи се безбедни и ефикасни кога се користат според упатствата на етикетата. Препорачуваме бремените жени да не земаат лекови без рецепт, вклучително и ацетаминофен, без претходно да разговараат со својот лекар, истакна Вит.
******
Види и: Трамп: Парацетамолот е причина за аутизмот