Трамп: Парацетамолот е причина за аутизмот

Администрацијата на Трамп тврди дека нашироко користениот лек тиленол, кај нас познат како парацетамол, е главната причина за аутизмот кај децата. На денешната прес-конференцијата, која ја опиша како „историска“, тој ќе претстави и лек со кој може да се третира аутизмот, кој е дијагностициран со повисоки стапки кај децата во САД во изминатите неколку децении.

Трамп го објави откритието за аутизмот говорејќи на комеморацијата на Чарли Кирк.

Утре ќе имаме едно од најголемите соопштенија... медицински, мислам, во историјата на нашата земја... Мислам дека пронајдовме одговор на аутизмот, изјави Трамп.

Основа на тврдењето на Трамп е ново истражување и анализа за употреба на ацетаминофен кај бремени жени. Студијата спроведена од научници од Харвард и од институтот Маунт Синај покажува дека употребата на ацетаминофен рано во бременоста го зголемува ризикот од аутизам кај децата. 

Како потенцијален третман за аутизмот се препорачува леуковорин, помалку познат лек што сега се користи како противотров на штетните ефекти на метотрексат (лек против рак) кој се дава во високи дози, како и за спречување или лекување одредени видови анемија односно недостаток на витамин Б9. Леуковоринот делува на ист начин во телото како и фолната киселина, која може да биде ниска кај овие пациенти.

Раните двојно слепи, плацебо-контролирани испитувања со администрирање на леуковорин кај деца со аутизам покажале „извонредни подобрувања во нивната способност да зборуваат и да разбираат“. Службениците на Администрацијата за храна и лекови неодамна ја разгледуваат формулацијата што би можела да се однесува на лекот.

Наодите за леуковоринот предизвикаа бранувања низ научната заедница и ја обновија дебатата за сложените причини за аутизам - состојба за која некои експерти сметаат дека е претежно генетска и затоа во голема мера неизлечива.

Напорите за борба против зголемувањето на стапката на аутизмот во САД се врвен приоритет за администрацијата на Доналд Трамп. На оваа иницијатива целосно се посветија министерот за здравство Роберт Ф. Кенеди Џуниор, комесарот на Администрацијата за храна и лекови, Марти Макари и директорот на Националните институти за здравство (NIH), Џеј Батачарја.

Паралелно со Трамп, NIH ќе објави нова иницијатива за истражување на причините и на третманот на аутизмот, за што ќе бидат доделени грантови на 13 научни тимови. 

Министерот Кенеди го постави елиминирањето на аутизмот во фокусот на неговата агенда „Да ја направиме Америка повторно здрава“.

Почнавме огромен напор за тестирање и истражување во кој ќе бидат вклучени стотици научници од целиот свет, рече Кенеди во април. До септември ќе знаеме што ја предизвикало епидемијата на аутизам и ќе можеме да ги елиминираме тие изложености.

Производителите на Тиленол се среќавале со претставници на администрацијата за да ги утврдат следните чекори. Упатствата за употреба на ацетаминофен од главните медицински друштва го идентификуваат како безбеден лек против болки за употреба за време на бременост, но им советуваат на бремените жени да се консултираат со своите здравствени работници пред да го земат, како и со сите лекови во тој чувствителен период.

Под водство на Кенеди, министерството го ангажираше Дејвид Гајер да спроведе владина студија за тоа дали аутизмот е поврзан со имунизацијата. Дејвид Гајер и неговиот татко Марк Гајер објавија трудови во кои тврдат дека вакцините го зголемуваат ризикот од аутизам.

Нарушувањето на аутистичниот спектар е невроразвојна состојба која се карактеризира со тешкотии во социјалните и комуникациските вештини и повторувачко однесување, кое е дијагностицирано со повисоки стапки кај децата во САД во последните децении. Денес во САД има по еден случај на аутизам на секои 31 дете на возраст до 8 години, според Центрите за контрола и превенција на болести. Во 2000 година имало по 1 случај на околу 150 деца.

Причините за ова нагло зголемување остануваат широко дебатирани и нејасни. Одредена улога има зачестеното тестирање, но истражувачи трагаат по други фактори во начинот на живот на Американците.

22 септември 2025 - 07:14