Скандирања „Турците надвор!“, „Не сакаме мигранти“ и „Турците нема да шетаат низ градот“, синоќа одекнуваа пред владата на Црна Гора од неколку илјади луѓе што протестираа на нападот од група мигранти врз момче во населбата Забјело. Била истакната парола „Се браниме од понатамошна миграција, бодења, силувања и окупација“.
Момчето, кое било седум пати прободено со нож, било син на полицаец. Тоа е во стабилна состојба. Обвинителството објави дека во врска со нападот се приведени државјани на Турција и Азербејџан.
Нападот предизвика бран насилства. Во Подгорица бил демолиран ресторан во сопственост на турски државјанин и бил запален автомобил. Во Бар биле демолирани два локали на Турци. Полицијата објави дека се приведени осум лица поради „предизвикување насилства и национална и верска омраза“.
Веднаш по нападот владата го поништи безвизниот режим за турски граѓани. Во Црна Гора со 623.000 жители, има околу 100.000 странци од кои околу 14.000 се од Турција.
Британија и Франција постепено ќе го укинат договорот за размена на мигранти според принципот „еден внатре – еден надвор“, бидејќи биле депортирани премалку лица.
Од склучувањето на договорот во август 2025 година па заклучно со 1 октомври годинава, во Франција биле вратени повеќе од 1.500 нелегални мигранти, а во спротивна насока биле префрлени нешто помалку од 1.500 легитимни баратели на азил во Британија.
Проценетите трошоци за шемата изнесуваат 56.000 фунти по вратен мигрант, што достигнува вкупна сума од околу 84 милиони фунти.
За споредба, во истиот период повеќе од 40.000 нелегални мигранти пристигнале во Обединетото Кралство со мали чамци.
Лондон бил подготвен да го продолжи договорот, но Париз одбил, со образложение дека сака шема за враќање на ниво на целата Европска Унија.
Изминатиот септември беше првиот по 32 години во кој немало ниту еден ураган во Атлантикот. Ова се случило само три пати досега – во 1994, во 1972 и во 1962 година.
Просекот е 7 урагани во сезона, од кои 2 до 3 се во септември.
Аномалијата се смета за последица на пацифичкиот климатски феномен Ел Нињо, за кој се предвидува дека годинава ќе биде најсилен досега.
Оваа година може да биде првата без ниту еден ураган во Атлантикот откако во 1950 година почна да се води прецизна евиденција. Во просек во октомври се формира по еден ураган годишно, а повремено може да има и во ноември.
Најмалку, само по два, имало во 1982 и 2013 година.