Мајк Помпео, секретарот на Трамп

Откако завршија протоколарните џумбуси, на раат да го скицираме политичкиот профил на актуелниот американски државен секретар кој деновиве ја посети Македонија и ни порача да се чуваме од руски ботови и сомнителни кинески инвестиции. Ние се чуваме од руски ботови со тоа што пишувањата ги темелиме на сериозни, главно западни медиуми а на крајот од истата статија ќе видите кој сега треба да се посипува со пепел што своевремено кукаше дека немаме доволно кинески инвестиции.

Како за почеток, еден цитат од актуелниот американски државен секретар Мајк Помпео, репрезентативен за неговиот поглед на свет, култура на говор и политичка матрица. Цитатот е од пред изборите во 2016 година, од митинг во Вичита.

„И што беше казната што Владимир Путин зема една петтина од една европска држава? Администрацијата на Обама воведе некои санкции но дали тоа беше доволно? Ќе има такви кои ќе речат, тоа не е наш проблем, Украина-Мукраина.  Моите деца не можат да ја најдат на карта. Но, дозволете да ве уверам, регрупирањето на Европа е прво на агендата на Владимир Путин. А тоа, јас да ви кажам, не е добро за луѓето од Канзас“.

Така борбено и трамп-а лајк размислува Помпео за сите главни политички прашања, согласно неговата максима „Ако некој те удри по нос, не можеш да се свртиш и да заминеш бидејќи така, може да те удри уште еднаш“. Тој и Трамп можеби не се согласуваат во детали за сè, но делат иста ментална матрица, оценува Атлантик.

Мајк Помпео е републиканец од Канзас кој во Конгресот пристигна во 2010 година, на бранот на најбандоглавите конзервативци од Tea Party. Најновата афера во која е вплеткан е онаа со Украина, односно американскиот притисок врз неа да започне истрага за синот на Џо Бајден, можниот против-кандидат на Доналд Трамп. Туц-муц, иако на почетокот негираше, Помпео призна дека слушал телефонски разговор на Трамп со украинскиот претседател на оваа тема. Поради тоа, комитетот за надворешна политика на Претставничкиот дом смета дека државниот секретар е во конфликт на интереси и дека нема право да ја опструира истрагата и да ги спречува неговите луѓе да сведочат во овој случај. Патем, Помпео беше меѓу оние кои ја принудија Хилари Клинтон да сведочи цели 11 часа за случајот Бенгази.

На сегашната функција дојде од ЦИА во која и натаму се чувствува негово огромно влијание а актуелната директорка Џина Хаспел, се чини дека се има помирено дека „најлојалниот војник на Трамп“ (како што го опишува Њуоркер во профилот од 8.000 и кусур зборови чиј наслов ни се виде згоден па истиот ја краси и оваа компилација) нема да биде само корисник на услугите на агенцијата, како што е тоа законски регулирано, туку и оркестратор на нејзината агенда.

Во Конгресот Помпео се здружуваше со анти-муслимански активисти, промовираше легислатива за повторно да оживеат програмите за масовно следење, лично поддржуваше поголема инволвираност во Сирија па дури и се залагаше за бомбардирање на иранските нуклеарни капацитети. Како шеф на ЦИА покажа особена склоност кон напади со дронови, пресинг кон Северна Кореја и фрлање дрвја и камења против Викиликс.

Од сите контроверзи околу Помпео, веројатно најизразени се неговите антимуслимански ставови. Уште од Бостонскиот маратон шпекулираше дека американските муслимани премолчано ја одобруваат терористичката акција на чеченските браќа Царнаев. Со таков став им даде ветар во едра на многу гласни анти-муслимански активисти, особено на неговите блиски пријатели Френк Гафни и Бриџит Габриел. А Гафни и Габриел, за американските муслиманите се исто што се Луис Фаракан (водач на Исламската нација) и Дејвид Дјук (поранешниот прв човек на Кју Клукс Клан) за американските Евреи.

„Да пробаме еден мал експеримент. Земете ги изјавите на Мајк Помпео за муслиманите и неговите алијанси со анти-муслиманските викачи. Потоа замислете тој да имал слични изјави за Евреите и да правел слични сојузи со анти-семити. Можете ли да замислите какви ќе беа реакциите ако таков човек беше номиниран за државен секретар? Ако аналогијата ви се чини неверојатна, тоа е само затоа што во ерата на Трамп, анти-муслиманската нетрпеливост е толку присутна што многумина од нас имаат проблем да ја препознаат како нетрпеливост“, пишува Питер Беинарт.

Мајк Помпео во моментов е на европска турнеја во рамките на која ги посетува Италија, Црна Гора, Македонија и Грција. Во дел од неа (Италија) бил придружуван од ултра-контроверзниот Себастијан Горка, краен десничар и љубител на теории на заговор ( кој се сомничи и како нео-нацист, додава Алтернет), кој своевремено му беше советник на Виктор Орбан (повеќе за Горка овде).

Мајк Помпео во Македонија ни порача да се чуваме од руски ботови и кинески инвестиции.

********

Нас од руски ботови нè чуваа изворите на оваа статија: Атлантик, Интерсепт, Аксиос, Политико, Њујоркер, УСА Тудеј, Алтернет, ЦСИС, Нешенел ривју, Еј Би Си, МекКлечи....

А за кинеските инвестиции, нека си кажат оние на кои им беа малку:

5 октомври 2019 - 20:43