Вајс: Кои се булшит работни места и зошто тие воопшто постојат?
Дејвид Гребер: Практично, булшит работа е кога човекот потсвесно знае дека таа работа или е комплетно бесмислена или дека не создава ништо. И дека ако тоа работно место некако исчезне, светот можеби за нијанса ќе биде и подобро место. Но работникот тоа не може да го признае па се преправа дека работи нешто вредно. А не работи.
Многу работи се споија за да се дојде до оваа заебана ситуација. Една од нив е генералната филозофија дека трудот - без разлика каков - секогаш е добра работа. И левицата и десницата отсекогаш се согласувале за една работа, дека креирањето повеќе работни места секогаш е решение за сите проблеми. Тие не бараат да се креираат “добри“ работни места кои нешто прават. Кога конзервативците се залагаат за даночни кратења за да се создадат нови работни места, тие не зборуваат за квалитетот на тие места. А левичарите се залагаат за повеќе работни места како поддршка на најтрудољубивите семејства. Што е со умерено трудољубивите, зошто ним да не им помогнеме?
Но дури и таквите срање работи обезбедуваат некаков приход и им помагаат на луѓето да опстанат. Зошто е тоа лоша работа?
Значи прашањето е, ако општеството има начин да им помогне на луѓето, а има, зошто инсистираме тоа да биде работа на која се претура од шупливо во празно? Нема некој резон, нели?
Во социјални термини, тоа се чини како арбитрарен садизам. На индивидуално ниво, тоа може да звучи како фин аранжман. Ама вистината е дека луѓето кои имаат булшит работа се мизерни. Би помислиле “Ти е гајле, ми даваат пари а ништо не работам“. Дел од нив се баш добро платени, често со менаџерски плати, имаат и бенефиции, а главно седат по цел ден и играат игрици или го листаат Фејсбук или треба двапати дневно да одговорат на телефон.
Би требало да се среќни, така? Е, па, не се.
Редовно доаѓаат извештаи за тоа колку депресивни ги прават таквите нивни работни места. И ќе фатат да паничат и да се дерат едни на други ако им дојдат некои рокови бидејќи не се навикнати на тоа. Психосоматските пореметувања кои овие луѓе ги имаат исчезнуваат кога ќе добијат вистинска задача, или пак кога ќе дадат отказ и ќе најдат некоја реална работа.
Пишувате дека непотребно се прави притисок врз студентите да имаат пракса и дека нејзина единствена цел е да научат како да изгледа дека нешто работат.
Да, интересно е тоа. Седат и се преправаат дека се зафатени а по цел ден само претураат хартии. Се чини дека таа пракса служи да ги научи да не се бунат и дека штом излезат од факултет, веќе нема да бидат оценувани од нивните резултати туку од нивната способност да следат наредби.
На автоматизацијата често се гледа како на негативна работа но вие не се согласувате?
Точно. Просто не разбирам зошто не би сакале да ги елиминираме непријатните работи? Назад во 1900 или дури и во 1950 година. кога луѓето ја замислуваа иднината, се радуваа “Луѓето ќе работат само по 15 часа неделно, ќе имаме роботи кои наместо нас ќе обавуваат работи!“. Сега, кога сме на прагот на тоа, одеднаш паничиме „Ох, не, роботите доаѓаат и ќе ни ја земат работата!“
Така е делумно и поради тоа што веќе не можеме да замислиме што би правеле со себе ако на располагање имаме разумно количество слободно време. Како на антрополог, мене ми е јасно дека вишокот слободно време не ги прави луѓето да чмаат наоколу и да бидат депресивни. На луѓе им текнува што да прават во тоа време. Сега не знаеме што би било тоа бидејќи сега немаме доволно слободно време за да го смислиме тоа.