„Некои од таките тим билдинзи се многу детални. Еден шеф во маркетинг и продажба ми раскажуваше како тој и неговиот 20 член департмент со авион биле донесени во Лондон, биле сместени во прескап хотел и таму, со цел тимот да се зближи и да развие присност, требало да учат Хака, традиционалниот воинствен танц на Маврите. Наместо јакнење на заедничкиот дух, тренинзите се претвориле во сеир и цинизам. Неколку месеци подоцна, целиот департмент и онака бил распуштен“.
Ова го пренесува Карлос Валдос Депена кој вели дека и во Марс долго време прибегнувале кон овој веќе традиционален пристап за зголемување на продуктивноста. Но, увиделе дека тука нешто не штима и тим-билдинзите не ги даваат очекуваните резултати. На луѓето можете да им обезбедите пријатна атмосфера но тоа нема да го смени начинот на кој соработуваат.
„Ваквите настани за кратко може да ги натераат луѓето да се почувствуваат поблиски но тие односи не го издржуваат притисокот на дневните обврски и рокови“, вели тој.
Откако тој и ХР одделот на Марс решиле да проверат за што се работи и направиле анкета меѓу 125 нивни тимови кои биле на некаков тим билдинг, главниот одговор бил: „Ги ценам јас моите колеги и знам дека треба повеќе да соработуваме, ама просто, тоа не се случува“.
Но, затоа пак, истовремено утврдиле дека компанијата е полна со луѓе кои се спремни да испорачаат и вонредни резултати, доколку прецизно знаат што точно треба да се направи, доколку нивното име е поврзано со тие задачи и доколку однапред ги знаат прецизно дефинираните заслуги. Најважното што го научиле е дека квалитетот на соработката не започнува со блискост и доверба туку со фокусирање на индивидуалната мотивација.
„Силните врски и довербата се важни за соработката но не се почетна точка. Тие се производ на посветени луѓе кои заедно се стремат кон нешто. Поврзувањето на соработката со мотивите на луѓе кои сакаат да се успешни ја ослободува продуктивноста на работниот тим,“ порачува Валдос Депена.