Настрана сите можни мераци кои можат да ви паднат на памет (да киднеш од градот, да не ги мислиш колегите, да бадијалџиш или прошеташ или распафташ скара или извезеш гоблен или си ја надуеш куклата...), тродневниот викенд би можел да биде еден од најелегантните начини за намалување на штетите кои ги правиме на нашата околина.
Кога само Американците би ги следеле европските норми за бројот на работни часови, за 20 проценти би ја намалиле потрошувачката на енергија, оттука и испуштањето на штетни гасови.
Милијарди светилки во канцелариите, милиони компјутери кои брефтаат, неброени километри кои не мора да се извозат до работа и назад... јасно е дека "само један дан живота" добро би ѝ дошол и на планетава да пододмори од нас.
Пробано е тоа во Јута, во 2007 и за една година заштедиле ем пар милиони долари ем испуштиле 12.000 тони јаглерод диоксид помалку во атмосферата. Четири години подоцна експериментот сепак бил напуштен бидејќи луѓето се жалеле што сервисите не работеле во петок.
Експерименти со намален број работни часови во Шведска покажале дека се намалил бројот на разболувања и се зголемила продуктивноста. Сè на сè, помалку работа односно похармоничен баланс на клацкалката живот /работа севкупно придонесува за нешто ментално и друго здравје и општото добро.
Прашање е, дали можеме ние тоа да си го дозволиме?
Не знаеме за вас. Ние за жал оваа статија ја пишуваме во петок.