Во првата студија глобална студија за предвременото умирање предизвикано од предолго работно време се наведува дека во 2016 година, од мозочен удар или срцеви заболувања поврзани со екстра работно време починале 745.000 луѓе, што е речиси 30% повеќе во однос на 2.000 година.
„Работно време подолго од 55 часови неделно претставува сериозен здравствен проблем. Ова сознание допрва треба да допре до надлежните за да ги заштитат работниците,“ вели Мариа Неира, директорка на Светската здравствена организација за околина, климатски промени и здравје.
Студијата, која во 194 земји ја спровеле СЗО и Меѓународната организација на трудот, упатува на тоа дека дури 72% од жртвите се мажи во средни или постари години.
Најпогодени со овој проблем се луѓето од југоисточна Азија и западниот Пацифик, што ги вклучува и Кина, Јапонија и Австралија.
Податоците велат дека кај лицата кои неделно работат 55 и повеќе часови, ризикот од мозочен удар е поголем за 35% а ризикот од исхемиски болести на срцето е за 17% поголем отколку кај оние кои работат меѓу 35 и 40 часа неделно.
Студијата го покрива пред-пандемискиот период но од СЗО сметаат дека зачестеното работење од дома и забавената глобална економија можат да ги зголемат постоечките ризици.