Германската влада планира реформи на законот за да се отвори пазарот на труд за работници кои ја немаат потребната диплома, сертификат или свидетелство. Се предвидува ним да им се даде можност да ги добијат тие пемпелиња во фирмите што ќе ги земат кај нив.
Кусокот луѓе највидлив е во угостителството но проблемот не е само таму. Се укинуваат возови затоа што нема доволно машиновозачи. На аеродромите се трупаат куфери зашто нема кој да ги претовари. На сигурносни контроли се прават предолги редови бидејќи нема доволно контролори. Градинки повлекуваат потврди за прием на деца бидејќи немаат доволно воспитачки.
56% од фирмите проценуваат дека недостатокот на работна сила им е една од најголемите опасности за нивното работење. Германската агенција за труд бележи недостаток на работна сила во 148 занимања а уште 122 се загрозени.
Домови за старци во просек чекаат осум месеци за да пополнат место за негувател/ка. Во градежништвото за тоа им треба половина година. Во земјата во моментов се распишани огласи за 1,7 милиони слободни работни места.
„Порано дававме пари за да се рекламираме. Сега даваме пари за огласи за работници“, вели шеф на една германска компанија.
Германија годишно губи околу 350.000 лица од работноспособните генерации. Проценките велат дека до 2035 година ќе имаат кусок од седум милиони работници. За да се пополни таа дупка, потребно е од земји вон ЕУ, во Германија годишно да доаѓаат и да остануваат на работа 400.000 луѓе.