Но овој текст и така не е за нив.
Она за што со недели се шушкаше по српските кафани го обелоденија белградските медиуми: „Стомаклија", народен лек во форма на жесток пијалок, замина во историјата. Навистина е фраза, но во некролозите е тешко да се избегне. А ова е скромно простување од ракијата со која растеа генерации во тек на повеќе од половина век, колку што се произведуваше во погоните на „Прокупец". Фирмата „Прокупец" АД меѓутоа веќе неколку месеци е во финансиска блокада, па на 28. ноември минатата година е одржана вонредна седница на Собранието на акционерското друштвo. И покрај надежта за реорганизација, собранието донесе одлука да започне стечај.
Така, како жртва на лошото раководење со фирмата, која пред неколку децении со своите производи освојуваше пазари и вон границите на матичната земја, падна „стомаклија". Позната и како „траварица", пијалок кој окрепува, го отвoра и го подобрува апетитот, таа се рекламираше како ракија од сливова препеченица со додаток на лековити тревки. Изборот на билки беше добро чувана тајна, но за една знаевме сигурно дека ја има: гранчиња пелин имаше во секое шише, давајќи му на пијалокот особена нота на горчливост. Токму заради неа „стомаклијата" ја заобиколуваа разгалените тинејџери на кои за пијано задоволство им беше доволна и пластична дволитарка пиво или веќе некоја „домашна" ракија со сомнителен квалитет. Траварицата доаѓа подоцна, кога времето на невиност се повлекува пред горчината на секојдневието. Падот со неа беше поподнослив, дури и природен, човечки. Нејзиниот вкус во грлото додека му се наздравуваше на успехот и на славата опоменуваше на нивната минливост и го предупредуваше дегустаторот да се чува од хубрис-от (губењето контакт со реалноста). Многумина не го слушнаа тоа предупредување, но тоа веќе не е проблем на „стомаклијата".
Оние постарите ќе се сетат на неа како на лек кој не се зема на рецепт, туку евентуално на „рецка". Беше тука за секој којшто страдаше од киселини, лошо варење, скршено срце...Студентите со неа лечеа предиспитна анксиозност, пензионерите го почнуваа денот, а работниците го минуваа слободното време. За нејзината популарност сведочи податокот дека до сега, ако ѝ се верува на „Политика", во Србија се произведени и испиени повеќе од 82 милиони тони од неа. Но, „стомаклијата" никогаш не се согласуваше со граници и етикети. Да, носеше акцизна маркичка и не криеше дека е жесток пијалок (40%), made in Serbia, но не дозволуваше да ја врзат за едно подрачје, округ, срез, држава. Не ѝ беше гајле за јазик и дијалект, расата и нацијата ни малку не ја импресионираа, баш како ни полот на оној чија рака посегнуваше по зеленото шише со етикета на која се смешкаше сипатичен мустаклија. Им припаѓаше на сите, но остана еднакво дистанцирана од народот и од елитите.
Затоа нејзиното заминување ќе го погоди секој оној кој макар еднаш во кафана ја изговорил реченицата. „Келнер, дупла стомаклија, и чаша вода."
извор: е- новине