Економската оправданост за легализирање на сите дроги

Во долг период од постоењето на човештвото, добар дел од дрогите (марихуана, морфиум и кокаин), легално биле произведувани, продавани и консумирани. Дури на почетокот од 20-от век, под притисок на американски мисионери, полека почнува да се воведува глобална прохибиција на дрогите. Тогашните противници на забраната, тврделе дека таа никогаш нема да ја сопре побарувачката.

Од тогаш до денес, прохибицијата не е ефективна во искоренувањето на користењето дроги. САД секоја година трошат по 40 милијарди долари на спроведување на оваа забрана. Во овие пари не се вклучени: зголеменото насилство, затворањето на инаку продуктивните граѓани, постојаната сиромаштија, корупцијата и насилството кои се асоцираат со трговијата на дрога.

"Легализацијата дозволува понијансиран пристап отколку обесхрабрување на користењето дрога преку нејзина криминализација. На пример, кокаинот често пати не создава зависност, а корисниците знаат да го избегнуваат заради неговата цена. Ова значи дека оданочувањето на кокаин би било ефективен начин за ограничување на неговото користење. Регулацијата би можела да осигури квалитет и дека корисниците ќе го добијат производот што го сакаат."

Според Нобеловецот за економија, Гери Бекер, колку повеќе ја спроведуваш прохибицијата на дроги, толку повеќе насилство те чека. Ова е затоа што засилената контрола и казни, ја зголемуваат цената на дрогите заради намаленото снабдување на пазарот. Ова автоматски ќе значи и поголем потенцијален профит за големите криминални организации кои имаат ресурси.

Легализацијата ја менува оваа равенка. Вадењето на трговијата со дрога од црниот пазар, ќе значи промена за земјоделците од земјите во развој кои ги одгледуваат овие растенија. Тие или ќе се соочат со глобална конкуренција, па ќе почнат да одгледуваат друга култура, или ќе почнат да се организираат и заеднички да настапат на пазарот за да извадат поголеми приходи. Промена ќе има и за сите оние кои учествуваат во процесот на производство на дрогата. Плус земјите кои произведуваат дрога ќе може да наплаќаат даноци на извоз на дрога.

"Иако ова им е од корист, земјите во развој не можат да го спроведат легализирањето без поддршка од напредните економии кои се нивните најголеми пазари. Тие не можат да се спротивставуваат на законите на побогатите земји од кои зависат во трговијата и помошта."

8 јуни 2013 - 15:18