„Според Данинг-Кругеровиот ефект, поединците кои имаат мали познавања од одредена тема се, парадоксално, најсамоуверени дека знаат многу околу темата. Исто така поединците со вистинско знаење е поверојатно да го обезвреднуваат сопственото знаење,“ објаснува авторот на студијата, професорот од Универзитетот на Мериленд, Иан Ансон.
На Ансон инспирација за студијата му е дебатата меѓу политичките психолози која се случува на Твитер за време на изборите во САД 2016.
„Во добар дел од постовите овие луѓе беа уверени донекаде и иронично; дека идејата дека некој е ’игнорантен кон сопствената игнорантност’ е прилично сериозно обвинение кога ќе се употреби во политичката арена. Во одредена точка по изборите, неколкумина поединци почнаа да го ословуваат претседателството на Трамп како ’Данинг-Кругерово претседателство’ бидејќи Трамп неверојатно самоуверено држеше до својот став околу темите за кои тој знаеше многу малку,“ објаснува Ансон.
Откако сфаќа дека во политичките науки има многу малку референци на Данинг-Кругеровиот ефект, тој решава да придонесе кон темата. Ансон анкетира 2.600 возрасни Американци прек две он-лајн анкети. Во едната треба да одговорат на прашања во врска со американската меинстрим политика и политички систем, во втората да ги оценат одговорите на прашања што ги даваат идеолошки неистомисленици.
Најголемиот дел од испитаниците имале слаби резултати на политичкиот квиз - со таа разлика што оние кои имале послаби резултати било поверојатно да преценат колку добро одговориле.
„Многу Американци изгледаат екстремно самоуверени во своето политичко знаење, затоа што немаат начин како да знаат колку им се мали реалните познавања од светот на политиката. Цаката е во тоа што кога републиканците и демократите ќе почнат да размислуваат со наклонетост кон својата опција, ефектот станува уште посилен од претходно.
Симпатизерите со умерено познавање од политика, станале поуверени дека работите ги знаат повеќе кога наспроти нив се исклучиво симпатизери од спротивниот табор. Всушност, кога им реков да ги оценат квизовите на политичко знаење пополнети од измислени претставници на другата партија, оценките што ги дадоа учесниците со послаби резултати повеќе ја отсликуваа партиската пристрасност отколку вистинското знаење.
Па, кога приврзаник на една партија зборува на некој вон партијата, многу е веројатно дека тој погрешно ќе го оцени личното познавање на политиката и на партнерот во разговорот. Уште почесто, ова значи дека приврзаниците ќе се сметаат себе си за политички попотковани отколку приврзаникот на спротивната партија, дури и ако тој човек е екстремно писмен на темата,“ објаснува авторот на студијата.