Сржта на проблемот се космичките зраци, односно атомски и субатомски честички со енергетски полнеж кои потекнуваат од експлозии на ѕвезди, црни дупки и слични вселенски тела. Овие зраци се штетни за ДНК, го зголемуваат ризикот од рак, го оштетуваат видот, и предизвикуваат проблеми со циркулација на крвта.
До сега беше познато дека астронаутите се изложени на поголемо зрачење отколку остатокот на човештвото кое останува на Земјата. Причина за ова е што атмосферата на планетава апсорбира најголем дел од штетната енергија, плус магнетното поле на Земјата одбива и пренасочува голем дел од вселенската радијација (а им врши работа и на космонаутите на Меѓународната вселенска станица).
Ништо од ова до сега спомнато не важи на Марс. Планетата нема никаква атмосфера, плус го има загубено своето магнетно поле пред милијарди години, со што престојот таму станува вонредно проблематичен.
Во пракса кога една клетка е погодена од космички зрак таа не ја задржува промената за себе, туку пренесува хемиски сигнали до останатите клетки, кои можат да започнат верижна реакција на мутирање во рак.
Типот на радијација што го предизвикува ваквиот домино ефект „само умерено се намалува преку заштитата од радијација“.