Науката се заинтересира за ѕуниците

Виножитата консенсуално ги сакаме и тука нема збор. Но, како и со некои други љубови, тоа што ги сакаме не значи и дека им обрнуваме доволно внимание.

Во Библијата божилакот означува знак за божја милост, во германската митологија е мост меѓу нашиот свет и светот на боговите, општа е приказната дека на нивниот крај се крие ковчег од злато а незаборавна е и Џуди Гарланд во Волшебникот од Оз.

Само, со научни студии стоиме слабо. Барем до неодамна бидејќи, според извори од тоа поле, сè повеќе научници решаваат потемелно да се занимаваат со овој феномен претпоставувајќи дека во нив има нешто повеќе од она што обичното око може да го види. 

А механизмот е јасен: сончевите зраци се прекршуваат од капките дожд при што зракот се разложува на боите од кои е направен.

Но, какви се точно боите и нивниот интензитет, колкав е радиусот на виножитото и слични детали можат да откријат корисни информации за воздухот и неговото загадување бидејќи честичките во воздухот го менуваат изгледот на ѕуницата.

Научниците веруваат дека со доволно студирање и метрика, овие природни феномени можат да се претворат во корисни сензорни алатки за утврдување на квалитетот на воздухот.

Но, не само тоа. Велат дека проучувањето на виножитата може да ни помогне да добиеме посилен бетон или пак материјали отпорни на оружје. Бидејќи во крајна линија се работи за бранови кои некогаш се механички, некогаш се оптички но сепак се однесуваат со истата логика.

6 октомври 2016 - 10:02