Иако за сега целиот план е на ниво на ексели и слајдови, доколку тој почне да се остварува Русија би влегла во трката за испраќање човек на Месечината (за Американците враќање) со НАСА и кинеската вселенска програма.
Планот претставен од Рогозин предвидува развивање на руска супер-тешка товарна ракета со капацитет да изнесе 103 тони до ниската орбита на Земјата и 27 тони до орбитата на Месечината.
Фазите на планот предвидуваат до 2022 да имаат развиено ракета што во 2023 ќе го има првиот лет до Меѓународната вселенска станица. Кон средината на 2020-те треба да почнат летовите на нешто подолги дистанци, за во 2027 на Месечината да биде симната Луна-Грунт сондата и да ја врати од таму со примероци од почва.
Во 2029 почнуваат летовите со екипаж до орбитата на Месечината, тогаш ќе се направат и првите тестови на леталото кое треба да слета на Месечината и модулот за поставување база таму горе.
Последниот чекор е во 2030, кога руски космонаут треба да стапне на Месечината. Ако се прашува Рогозин тој би сакал сето ова да биде изведено и во пократок рок.
Што се однесува на долгорочна стратегија, Рогозин изјавил дека не верува дека постои некој голем потенцијал за индустриско искористување на Месечината, нешто што беше клучен дел од американските државни и приватни планови за враќање на Месечината. Според Рогозин руското присуство на Месечината е со цел поставување база таму горе која би служела за одбрана од комети и астероиди. Овој дел од планот не беше образложен како ќе функционира.