28 годишниот Марк Јонгенел на почетокот на оваа недела добил телефонски повик од мајка му. Жената извадена од памет, биле двајца полицајци кај нив дома, го барале него, не кажале зошто. Подоцна полицајците го нашле на работа:
"Многу твиташ. Имаме наредба да ти кажеме да припазиш на својот тон. Твоите твитови може да изгледаат како провокација," рекле жандарите.
А Јонгенел на Твитер пишал нешто против плановите градот да обезбеди место за 250 бегалци од Истокот.
Еве му го инкриминиратиот твит:
#Sliedrecht има предлог да се преземат 250 бегалци во наредниве две години. Колку лоша идеја!
Посета од полицијата заради она што го пишуваат на социјалните мрежи им се случила и на други луѓе во Слидрехт и други места. Пред некој месец, на 20-тина луѓе од Леуварден цајкани им затропале на врата со слична порака. Се случило тоа и во Енхеде, и во Брабант и во други места со твитерџии критички настроени кон доаѓањето на бегалците.
Портпаролот на полицијата потврди дека постојат десет единици составени од "дигитални агенти" кои следат што се пишува на Фејсбук и Твитер и бараат постови кои "отишле предалеку".
Не само заради бегалската криза, Холандија последниве години ги заостри мерките за вселување кои и тамошните невладини и ОН ги оценија како премногу стриктни. Во последниот извештај на Обединетите нации се бара од Холандија безусловно да задоволи базични услови за бегалците.