Последното истражување на Југов покажува дека само 66% од миленијалците се строго уверени дека Земјата е тркалезна. Она што влева надеж е дека останатите млади во анкетата не биле за тоа дека планетава е рамна, туку или биле несигурни или незаинтересирани околу формата на Земјата.
Едно од објаснувањата за ваквата позиција е дека можеби тие не учеле толку многу физика и останати науки на училиште како нивните родители, или можеби се порелигиозни, или пак се движат во општествени кругови кои „поттикнуваат недоверба во авторитетите.“
Она што ги поништува првите две објаснувања е дека оваа демографска група е поверојатно да ги прифаќа научно востановените факти околу еволуцијата и климатските промени, нешто што стандардно е отфрлано од порелигиозните испитаници, и дека миленијалците е поверојатно да бидат помалку религиозни отколку нивните родители.
Крег Фостер и Глен Бранч од Сајантифик Американ кои подетално ги анализираат базите со податоци од кои Југов ги има извадено статистиките и заклучуваат сериозни пропусти во изведените резултати, порачуваат дека „резултатите од едно единствено истражување на јавното мислење никако не значи дека е меродавно.“
„Разлики во поставување на прашањето, варијации на методот на анкетирање, случајност и грешка: сето ова гарантира дека една единствена анкета не треба да биде сфатена како последен збор.
Сепак, основани и транспарентни истражувања се клучни во разбирање на јавноста и прифаќање на науката. Без нив ние ќе треба да се потпираме на индивидуално искуство и интуиција во формирање на нашето мислење. А тоа не е така добра идеја. Ако така постапуваме во однос на формата на Земјата - затоа што планетава на прв поглед изгледа рамна - тогаш ние ќе се најдеме себе си во друштво на рамноземјашите,“ пишуваат двајцата автори.