"Бомби" во науката

Еден наш читател од Бостон ни ја проследи приказнава со асоцијација: двајца големи играчи се тркаат за исто, наградата е голема и политичка, едниот губи, другиот не го признава гласањето, излегуваат бомби (exposed internal documents). А оно - наука.

Каде ќе биде седиштето на Square Kilometre Array (SKA), или најголемата мрежа на радио-телескопи на планетава е причина за конфликт помеѓу најмалку две држави - Британија и Италија. Тоа е само уште еден пример на грдото политичко мешање во науката, мотивирано од сосема приземна желба за контрола и пари, а не од глад за нови сознанија за вселената.

Работата е навидум банална - седиштето на SKA од 2012 до денес е лоцирано во опсерваторија близу Манчестер, и Британците би сакале тоа да остане така. Но, уште во времето на сместувањето на оваа институција било јасно дека ова е привремено решение и дека допрва ќе се бара некое подобро и поодржливо. Една друга опсерваторија со многу подолга традиција, во Падова, во транспарентен процес на селекција помеѓу неколку кандидати, од страна на панел експерти формиран од ESA неодамна била избрана како најсоодветна. Ама Британците се бунат и не го даваат штабот на мрежата за жива глава - фрчат писма до директорите на бордот на SKA, кои меѓу другото содржат закани дека доколку телескопот биде преместен во Италија таа ќе ја прекине својата поддршка за проектот, кој инаку е финансиран од 11 светски држави.

Зошто седиштето на една астрономска направа - колку и да е тоа скап и софистициран проект - би била извор на недоразбирања и големи политички амбиции? Целта на SKA е да дојде до слики на раната вселена, кога се формирале првите ѕвезди и галаксии. Со оглед на обемот и финансиските импликации на проектот не е ни чудо што битката за контрола станува валкана.

Иnаку, и самата мрежа на SKA пред три години беше предмет на политизација, тогаш меѓу Австралија и Јужна Африка по што се реши да ги поделат инструментите. 3.000 чинии подигаат  Африканците, нешто повеќе антени се кај Австралијанците.

Инаку, под притисок на Британија, бордот на SKA го продолжи рокот за поднесување документи кои би ги гарантирале финансиските, оперативните и организациските обврски на земјите-кандидатки - чекор кој се толкува како непотребен, со оглед на тоа што одлуката веќе еднаш била донесена.

Интересно е што "бомбите", односно информациите за задкулисниот притисок на Британците први ги објави британската публикација Nature.

12 март 2015 - 11:40