Трамп го шири во Европа фронтот против Антифа

Администрацијата на Трамп ја проширува и во Европа својата војна против глобалната мрежа на Антифа и екстремните левичарски групи. Четири радикални организации во Германија, Италија и во Грција ќе бидат прогласени за странски терористички групи затоа што „со своите брутални напади ги поткопуваат темелите на западната цивилизација“. 

Германската група Антифа Ост, италијанската Меѓународен револуционерен фронт и две организации во Грција идната недела официјално ќе бидат запишани на списокот со странски терористички организации, најави државниот секретар Марко Рубио. Тоа ќе значи дека САД ќе имаат право да спроведуваат акции против нив, пред сè преку блокирање на изворите на финансирање.

Групите поврзани со движењето Антифа шират револуционерни анархистички или марксистички идеологии, вклучувајќи антиамериканизам, антикапитализам и антихристијанство, и така поттикнуваат или оправдуваат насилни напади во нашата земја и во странство. САД ќе ги користат сите достапни алатки за заштита на нашата национална безбедност и јавна сигурност и ќе им го одземат финансирањето и ресурсите на терористите, вклучително и таргетирањето на други групи на Антифа низ целиот свет, објави Стејт департментот.

По атентатот врз конзервативниот активист Чарли Кирк, администрацијата на Трамп ги обвини следбениците на Антифа за поттикнување политичко насилство и за напади врз федералните имиграциски власти во Лос Анџелес, Чикаго и Портланд. Антифа во септември беше прогласена за домашна терористичка организација. 

Стејт департментот соопшти дека германската филијала Антифа Ост извршила бројни напади врз „оние што ги смета за „фашисти“ во Германија помеѓу 2018 и 2023 година. Антифа Ост се смета за одговорна и за серија напади во Будимпешта во февруари 2023 година. Германската внатрешна разузнавачка служба во извештај од 2024 година ја идентификуваше Антифа Ост како „насилна мрежа“. Лани биле уапсени четири припадници на групата, обвинети за напади врз лица што ги смета за десничарски екстремисти. 

За терористички ќе бидат прогласени и грчките групи Вооружената пролетерска правда и Револуционерната класна самоодбрана, која е обвинета дека во напад активирала бомба во воз. Оваа група ја презеде одговорноста и за нападот во 2024 година врз Министерството за труд во Атина. При двата напади немаше жртви. Вооружената пролетерска правда ја презеде одговорноста за поставување бомба близу седиштето на грчката полиција во 2023 година.

За италијанската Неформална анархистичка федерација/Меѓународен револуционерен фронт е истакнато дека пропагира оружена борба против „Европската тврдина“ и е одговорна за закани со насилство, бомбашки напади и поставување експлозив во писма до економски институции, судови и разни „капиталистички институции“.

14 ноември 2025 - 08:49